Велешкиот грнчар Страхил Дртлиев, со прекар „Црвениот“, најверниот другар на Кочо Рацин
Немало жител во стар Велес што не го познавал големиот мајстор грнчар и борец за македонска самобитност Страхил Дртлиев-Црвениот. Неговите стомни, бардачиња, тави, ибричиња, потиња биле најбарани на градскиот пазар. Страхил бил другар на Кочо Рацин, Петре Прличко,Трајко Мишков, Спиро Зографски, Орце Ковачев, Ганчо Јарчев и други напредни младинци од „Солено Чешмиче“, „Бричкова“, „Под Којник“ и „Прчиева чешма“. Како неразделен другар на Кочо Солев, еден ден за време на бугарско, кога во работилницата на Орката, ја доработувале големата врчва, тој на Рацин му рекол:
„Кочо, кога ќе те бараат џандарите најдобро место да те скриеме е во оваа голема врчва што тројцата ја завршуваме. Скриен во неа не ќе можат да те пронајдат. Ја правиме по твоја мерка и твоите раце учествуваат во изработката. Тамам е за тебе. Другар, во неа ќе те собере. Врчвава ќе стои во ќошот на работилницата. Прости ни што во неа ќе немаш место за пишување, но барем ќе ти биде сигурна скривница, гласел предлогот на Страхил за Рацин.
Куќите на Солеви и Дртлиеви ги делел само еден сокак во градот.
Кога за предлогот на Страхила разбрал Петре Прличко, кој доаѓал во работилницата за мајтап, веднаш прашал:
„А за мене место во врчвата нема да има, нели!?“.
„ Петре за тебе ќе направиме друга и тоа троа поубава“, одговорил Страхил додека заедно со Кочо ги вртеле грнчарските колца.
Страхил Дертлиев- Црвениот е роден 1904 година во маалото „Солено чешмиче“, во близина на „Читкушева чешма“. Од мали нозе бил темпераментно дете. Штом завршил основно образование почнал да се занимава со трговија додека на момчешка возраст желбата му ја исполнил татко му. Тој му купил коњ и му дал пари па така Страхил почнал да се занимава со купување и продавање на добиток најнапред во велешко, а потоа и во Повардарјето.За време на СХС работата му одела многу добро. Заработувал пари.
Страхил можел да се откаже од многу работи но, никогаш од седенките во кафеана. Бил боем во душа. Штом завршел со работните обврски седнувал во кафеаната „Македонија“ што во стар Велес се наоѓала во близина на денешното кино.
Кога Страхил влегувал во кафеаната музикантите веднаш почнувале да му ги свират и пеат најсаканите македонски песни како „Васе танко Васе“,па и други како „Два бели шатора, нане“. Страшо седел секогаш на маса со постојана резервација на негово име. Тој уживал додека пеел заедно со музикантите на македонски јазик без страв од српските џандари. Често со себе ја носел неговата мандолина, за да им се придружи и во свирењето на убавите песни. На масата со него постојано седеле и Кочо Рацин, Спиро, Петре па помеѓу добрата музика и песна наоѓале време за разговор на омилената тема отпорот кон окупаторите и борбата за слободна Македонија.
„Дедо ми беше добар човек кој од длабината на својата скромна душа ја посакуваше сопствената и слободата на македонскиот народ. Кога ја слушна кобната вест за смртта на Кочо Рацин плачеше на цел глас и потоа со месеци не влезе ни во работилницата ниту во кафеана. Само велеше дека се откинало парче од неговата душа и се изгубило во ширината на просторот и кобата на времето во кое живее. Често ќе земеше од бардачињата што ги направил Кочо и долго ги милуваше. Чинам дека така ја одболедуваше својата загуба за верниот другар. Во таа намера не успеја до крајот на својот живот. Кај дедо инаку доаѓаа да работат поголем број познати велешки грнчари. Дедо им плаќаше,но , како што секогаш велеше, никој како Кочо не знае да направи стомна, бардаче, врчва“, се присети внуката на Страхил, Аница Дртлиева Јовановска.
Страхил со сестрата Благојка мажена во Мешкови
Стахил прекарот „Црвениот“ го добил поради тоа што од раѓање, на едната страна од лицето имал црвен белег. Тој имал две сестри Благородна и Пандорка. Родна се омажила во Ваташа, во фамилијата на Мешкови. Родила два сина но набргу и починал сопругот па таа се вратила со децата да живее кај братот Страхил. Втората сестра Пандорка се омажила во велешкото семејство Таневи.
Сестрата на Страхил, Пандорка , од десната страна на фотографијата и мајка на Аница ,со најдобрата другарка Нада Манушева од левата страна на фотографијата
Страхил во 1926 година, се оженил со Донка од селото Ногаевци. Неколку години немале деца па така во 1932 година на голема радост им се родила ќерката Благојка. Радост донела Благојка во куќата. Кога пораснала , во 1955 година се омажила за Киро Јованов со кого живееле во куќата на Страхила. Тие по една година од свадбата, на боемот и познат грнчар Страхил, му подариле две деца. Во нивната куќа повторно се слушнал детски плач кога прво се родил внукот Илија, а две години подоцна и внуката Аница.
По доаѓањето на Бугарите во Македонија Страхил претстанал да работи како трговец. Се симнал во грнчарската работилница во родната куќа и му се вратил на грнчарското колце. Бидејќи занаетот го научил уште како дете кога заедно со Кочо Рацин работеле кај познатиот велешки грнчар – мајстор Орката, Страхил купил колце и со сопругата Донка копале и носеле глина за тој да ги подготвува глинените производи што ј ги продавал на градскиот пазар во Велес. Особено за Дуовден имале полни раце работа па напомош ги викал и Кочо и семејствата Орковци како и Гајгурови. Во еден период Страхил, преку ден, одел да работи во фабриката за ќумци на браќата Левкови за попладне да продолжат со работа заедно со другарите во неговиот дом.
Куќата на Страхил Дртлиев-Црвениот во сокакот од Којник кон Солено чешмче
Грнчарницата всушност била и место каде што Страхил, Кочо, Спиро и останатите ги договарале акциите на отпорот кон бугарските власти. Тие често биле мета на бугарската полиција но ниту во еден момент не биле откриени затоа што покрај големиот ќуп илегално отпечатениот пропаганден материјал го криела во специјално изградени дупки, под куповите глина од која ги изработувале стомните, бардаците, тавите и другите глинени производи. Се што ќе создаделе нивните раце, сите грнчарски производи, се носеле на продажба во дуќанот кој Страхил го купил на градскиот пазар, наспроти денешната кафеана на Пармакот.
„Дедо ми бил член на ВМРО, но бил и комунист. Со гордост секогаш кажувал дека е Македонец и дека негова најголема желба е Македонија да добие статус на држава и да биде слободна. Во една пригода, кога веќе неговите другари заминале во партизани, тој поради пеењето на македонските песни во кафеана бил мета на бугарски војник кој со сабја му го расекол стомахот, но, за среќа дедо преживеал. Тој почина на 80 годишна возраст. За мене тој беше пример на непокорен и горд Македонец. Ми беше идол. До ослободувањето на Македонија од фашистичкиот окупатор работеше во позадина на народноослободителното движење. Баба Донка го поддржуваше и таа у помагаше. Нему слободна Македонија во состав на СФР Југославија му додели боречка пензија, му призна се што тој направи за народноослободителното движење тука во родниот град, за помагањето на партизаните, за учеството во илегалните акции, за слободата на својот град и својата држава, на што сум особено горда, рече внуката на Страхил, Аница.
Страхил до крајот на својот живот велел дека најомилен внук му бил синот на сестра му Благородна , Мире Мешков, кој го сакал како син.
Страхил од грнчарскиот занает купил куќа и три лозја. Кога ги берел лозјата а носењето на грозјето во неговиот дом го најавувале топотот на коњите на запрежните коли низ маалото се ширела веста: „Црвениот го бере грозјето“.
Сопругата на Страхил, Донка Дртлиева починала во 1978 додека а животот на нејзиниот животен сопатник и познатиот велешки грнчар Страхил Дртлиев-Црвениот , згаснал во 1984 година.
Стоилко Андреевски