Волонтерите на Црвен Крст ги развиваа ликовните вештини на децата од Дневниот центар на лица со посебни потреби во Велес
По досега организираните едукации, презентации и екскурзии на децата од Дневниот центар за лица со посебни потреби денеска за нив Клубот на млади на велешкиот Црвен Крст организираше ликовна работилница. Таму денеска децата под менторство на професорот по ликовна уметност Живко Пренџов создадоа цртежи што потоа ги обоија со водени бои на кои доминираа природата, дрвјата, гранките со пожолтени лисја како и цветовите и сонцето. Во создавањето на ликовните творби на децата од центарот им помагаа волонтери на Црвен Крст.
– И професорот Живко Пренџов е активист на Општинската организација на Црвен Крст во Велес па сите ние тука заедно придонесуваме еден ден од престојот на овие деца во центарот да го посветиме на ликовната уметност. Децата се многу задоволни, постојано се радуваа на тоа што го нацртаа и обоија, рече волонтерката Марија Настовска.
Настанот има за цел да ја подобри социјализацијата на децата кои го посетуваат Дневниот центар во Велес и да поттикне на зголемување на јавната свест кај граѓаните. За потребата на децата од прибор за цртање и боење помогна донатор./У.Ј