Обележје на Ротари клуб во гимназискиот двор во Велес посветено на Татјана Лазаревска Ѓоргиева
Спомен обележје на “Ротаријанците“ од денеска се наоѓа во дворот на велешката „Гимназија Кочо Рацин“. Вака Ротари клубот од Велес ја испочитува предложената идеја за простор во градот што ќе ја симболизира основната девиза на Ротаријанците за помош за оние на кои им е неопходна поттикната од починатата велешанка, поранешна членка, Татјана Ѓоргиева Лазаревска. Таа беше еден од најуспешните директори на детската градинка „Димче Мирчев“.
Просторот е уреден по идејно решение изготвено од дипломираниот архитект Јулијана Андонова Чипевска, додека автор на обележјето е професорот по ликовна уметност Живко Пренџов. И тие како и донаторот на спомен обележјето фирмата на Јосе Манев како и Румен Смилев, чија компанија се погрижи за хотикултурното уредување на просторот, се членови на Ротари клубот. Овој проект вкупно чини 15.000 евра.
Спомен обележјето го открија Градоначалникот Аце Коцевски кој е и Претседател на Ротари клубот во Велeс заедно со Игор Андреевски, Претседател на Ротари клубови на Македонија.
– Го реализиравме идеалот на за жал нашата почината членка Татјана Ѓоргиева Лазаревска. Таа почина пред пет години и не успеа да го дочека овој момент. Ова катче и го посветуваме нејзе и особено сакам да се заблагодарам на нејзиниот сопруг, син, мајка, татко и сестра ко се денеска со нас. Нека и е вечна славата, рече Коцевски.
– Особено сум горд што денеска присуствувам на овој настан. Ротари клуб Велес за мене е симбол на човечки допир, на блискост со заедницата, на дружење, на посветеност, на пријателство, на вредности кои во Ротари се исклучитело важни. Посакувам во ова убаво катче да ви се случуваат убави работи, во што сум сигурен дека ќе се случат, рече Андреев.
На откривањето на спомен обележјето и предавањето на просторот во употреба присуствуваа претставници на Ротари клубови од Врање и Сремска Митровица во Србија, од Цеље во Словенија, од Дубница во Бугарија,како и од ротари клубови во Македонија./У.Ј