Стар Велес бил познат и како град на аптеки со школувани фармацевти во европските метрполи
Во развојот на Велес посебно внимание се посветувало на здравствената заштита на граѓаните па покрај амбулантите со лекари во него биле отворени и аптеки во кои се продавале разни лекови. Првата аптека била отворена во далечната 1765 година. Ја отворил Анастас Ѓоргов, роден велешанец, кој се служел со европска фармакопеја, а добро говорел англиски и италјански јазик. Тој бил многу ценет од жителите. Анастас имал богата приватна стручна библиотека што по неговата смрт била продадена за 1.000 гроша.
Аптеките воглавно биле отворани на главната градска улица во поранешен Велес
Во тоа време, кога работела аптеката на Анастас Ѓоргов во Велес постоела и аптеката на Петре Опашот која работела по углед на дубровничките спицерии. Аптеката на Опашот работела се до 1835 година. Тоа е време од стар Велес имале свои аптеки во кои работеле и магистрите по фармација Василаки, Лефтер и Харитон. Сите тројца дипломци на Факултетот за фармација на атинскиот Универзитет. Василаки, кој бил роден во Серез, своја аптека во Велес отворил во 1860 година. По неколкугодишен престој во градот се оженил за убавата Марија, ќерка на Хаџи Димо. Всушност Василаки бил лекар но положил испити и за фармација па така турските власти му дозволиле да отвори и аптека.
Еден од најпознатите аптекари во Велес секако бил д-рАндреја Карпузов. Тој е роден 1876 година. Гимназија завршил во Солун каде како одличен средношколец па затоа бил избран за кандидат на училишната управа и испратен да студира во Цариград, на царскиот цивилен медицински факултет. По завршувањето д-р Карпузов бил вработен во Бурса, Мала Азија.
Кога во 1903 годин, во Солун напредните млади велешки Гемиџии ги извршуваат Солунските атентати, д- р Андреја Карпузов се враќа во Велес иако бил нивни близок пријател. Тој бил почитуван македонски револуционер затоа што бил приврзаник на идеите на Гоце Делчев. До денеска не е доистражено како и зошто тој во времето на „солунските атентати“ се нашол во Велес додека велешките млади момчиња се одлучиле да се арчат за Македонија се со цел да се сврти вниманието на светската и европската јавност за тешкиот живот на македонскиот народ под турско ропство. Единствено се знае дека д-р Карпузов многу тешко ја поднел загубата на своите пријатели.
Она пак што е познато за неговата професионална работа во градот е дека се здружиле заедно со д-р Панче Васков против граѓанските суеверија и бајачите кои наводно лекувале од маѓии со подготвување и делење на амајлии за кои наплатувале.
Д-р Карпузов аптека во Велес отвара во 1907 година. Таа биладобро снабдена со голем број на лекови. Како приврзаник на напредното движење во градот токму д-р Карпузов секогаш ги обезбедувал со потребните лекарства тогашните дејци и соработници за слободна Македонија. Магистар Андреја Карпузов починал, во 1956 година, како многу почитуван и угледен граѓанин.
Исто така познат велешки аптекар бил и Милан Крепиев, роден 1882 година, која Факултет за Фармација завршил во Женева. Неговата аптека во стар Велес била отворена во 1908 година. Тој, д-р Панче Васков и д-р Андреја Карпузов се справувале со голема епидемија што го зафатила градот во 1913 година. Истата година д-р Карпузов починал како последица од заразната болест а по неколку години по неговата смрт аптеката ја купил магистерот по фармација Ефтим Дочев.
Тој аптеката ја отворил во 1921 година, за време на СХС, а две години потоа била отворена и аптеката на Александар Станоев. Според податоците од истражувањето на припариус Д-р Никола Стојанов, познат велешки специјалист педијатар и пратеник во првиот состав на Собранието на Република Македонија, во Велес како аптекар од 1886 до 1915 година работел и аптекарот Лазар Огненовиќ од Чолошево.
Инаку, по инцијатива на училишната Управа на Велес во 1895 година била отворена Кооперативна аптека во која имало лекови со достапни цени за сирошните граѓани. Во аптеката работел Торкан Адилијан кој не сакал да се потчини на Одборот па од Митрополијата бил разрешен и на негово место бил ставен доктор Креј . Аптеката на училишната управа во Велес , покрај аптекарската дејност, одиграла и значајна улога во ослободителното движење во Македонија. Во него се вршела револуционерна пропаганда преку курирска служба за сите краишта на Македонија. Во исто време аптеката била и лечилиште за ранетите комити и од неа се разнесувале лекови за борците во планините
Во познатите велешки аптекари треба да го спомнеме и Иван Крајничанец. Тој завршил фармација во Швајцарија по што прво работел во Солун но поради револуционерна дејност бил протеран па дошол во Прилеп и отворил своја аптека што работела се до Балканската војна. По поделбата на Македонија на три дела, Крајничанец останал во Прилеп и работел на заштита на здравјето на населението од овој крај. За време на Втората светска војна тој ја помагал НОВ со пари, лекови и на крајот ја дочекал слободата. Починал 1945 година.
По ослободувањето во Велес биле отворени неколку аптеки паралелно со градска Болница, повеќе амбуланти во одредени реони на градот, а подоцна и амбуланти во фабриките кои им овозможиле на граѓаните по подостапна здравствена заштита.
Стоилко Андреевски