Во Советот за етика на медиумите досега стигнале над 200 преставки но ниту една од велешани
Досега нема поплаки од велешани во над 200 преставки што граѓани и новинари ги испратиле до Советот за етика на медиумите на Македонија. Тоа покажува дека велешани се слабо информирани за своето право на жалба на текст објавен на некој медиум во локалната заедница или пак на национално ниво доколку сметаат дека во него не е искажана вистина, туку лага а можеби и навреда или клевета. Ова право го имаат и институциите, фирмите и секако новинарите.
На фотографијата се наоѓаат адресите како граѓаните можат да испратат преставка до овој Совет кој функционира како здружение на граѓани, формирано пред три години од повеќе медиуми, за да се зголеми степенот на почитување на етичките стандарди во новинарството како и за поедноставен пристап на јавноста до медиумите кога ќе се утврди повреда на стандардите на професионално и објективно известување.
Комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите е составена од Претседателот Мирче Адамчевски и членовите Сефер Тахири и Филип Ѓурчиновски. Извршната директорка на СЕЕМ е Марина Тунева. Сите тие се новинари.
Инаку тема на средбата со новинарите и граѓаните во Велес е втора, лани се одржа првата, и овојпат беше на тема „Медиумите, изборите и улогата на саморегулацијата“.
Најголем број од преставките, дури 60 отсто, се однесуваат на он лајн медиумите во Македонија. Слободата мора да биде избалансирана и урамнотежена со одговорноста. Најголемите прекршувања на Кодексот на новинарите се состои во политичката недистанца на медиумите, поточно поддршката за политичките партии што беа во старата и има тенденција да продолжи кон новата власт.
– Медиумите наместо да бидат средство за масовно комуницирање кое ќе биде во интерес на јавноста за жал стануваат пропагандистички, за артикулирање на политички интереси на политичките партии на актуелните состави на Владите. Сепак две национални телевизии и првиот сервис на МРТВ продолжуваат да бидат во функција на одредена политичка партија. Во Јавниот сервис сеуште не се започнати реформите за трансформација на оваа медиумска куќа во вистински јавен сервис, рече Сефер Тахири.
Тој го отвори и прашањето на ставање на јавен линч на одредени новинари од нивни колеги како и несолидарноста на фелата .
– Советот функционира на принципот стигната преставка која се однесува за некој медиум. Ние ја разгледуваме и прво укажуваме на нарушените стандарди и етика при тоа бараме да го објави нашето укажување на медиумот. Засега дел од медиумите започнаа да ги објавуваат одлуките на СЕММ со што си ја превземаат вината за грешката што ја направиле. Ние така ќе продолжиме да работиме но она што е особено значајно се пристигнатите над 200 преставки што значат дека Советот станува видлив во јавноста, рече новинарот Мирче Адамчевски. Тој е претседател на комисијата за жалби во СЕММ.
Тоа што според него сега е значајно се преставките кои ги поднесуваат граѓански здруженија, граѓани и новинари за разлика од порано кога стигнуваа од политичарите. Последната преставка на која Комисијата за жалби работи е поднесена за медиум чиј сопственик бил Претседател на СЕММ. Сега комисијата ја разгледува преставката и ветува дека ќе постапи според начелата на својата работа.
– Никој нема право да лаже, да шири лажни вести, да клевети или да го пренасочува вниманието од значајните теми во општеството и при тоа во општеството да се прават големи криминали. СЕММ во Македонија постои врз основа на закон, на европска Конвенција за човекови права, на декларации на Совет на Европа и имаме јасни општествени и судски овластувања за клеветите и навредите, рече Филип Ѓурчиновски.
Досега СЕЕМ донел одлуки за жалби за 130 интернет портали, 33 за телевизии и 22 за весници кои објавиле лажни вести, објавиле вести во кои новинарите не направиле разлика помеѓу фактите и мислењата, покажале комплетна неизбалансираност за време на избори , необјавиле исправки или не се извиниле и друго.
Ваквата кредибилност му овозможува на СЕММ да биде прифатен и на меѓународно ниво.
– И досега сме соопштувале и сега ќе повторам дека не сакаме во нашата работа да се меша никој друг освен новинарите и граѓаните, тие за кои постоиме. Не сакаме политички влијанија и затоа постојано велиме дека политиката треба да ги тргне рацете од новинарството. Таа порака ќе продолжиме и понатаму да ја упатуваме, рече Извршната директорка Марина Тунева.
На дебатата се разговараше за лажните вести, за копи пејс новинарството, за заштитата на авторските права на новинарот и други значајни прашања за професионалното известување во интерес на јавноста./У.Ј