Советот за развој на Вардарски плански регион во нов состав и со два приоритети
Изградбата на регионална фабрика за третман на цврст комунален отпад со претоварни станици и отворањето на Регионален центар за третман на бездомни кучиња за да се реши генерално проблемот во сите девет општини на Вардарски плански регион, се двата приоритети на кои ќе се посвети неговиот Совет за развој во наредниот мандат. Овие приоритети едногласно ги прифатија денеска сите присутни нови Градоначалници на Општините во регионот на конститутивната седница на Советот за развој на Вардарскиот плански регион.
За Претседател го избраа Аце Коцевски Градоначалник на Општина Велес.
-Македонија е исклучително нерамномерно развиена држава. Моите очекувања во наредниот период се многу големи. Верувам дека централната влст ќе го смени односот кон општините и ќе ја почитува законската регулатива за издвојување на 1% од бруто домашниот производ за проекти за пеглање на нерамномерниот регионален развој и дека тоа ќе придонесе да се подобри вкупната состојба во општините во Вардарскиот плански регион а со тоа ќе се подобри квалитетот на живеење на сите граѓани, рече Коцевски.
Во Вардарски плански регион влегуваат општините Свети Николе, Лозово, Велес, Чашка, Градско Росоман, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.
На конститутивната седница на Советот за развој на Вардарскиот плански регион присуствуваше и заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлевски кој даде уверување дека во наредниот период Министерството за локална самоуправа ќе има отворена соработка со Општините.
– Сакам да најавам дека веќе во наредната година ќе има повеќе средства за рамномерниот регионален развој што е предвидено во Буџетот. Исто така ќе работиме на лоцирање на многу повеќе средства за да го достигнеме законски предвидениот 1% од бруто домашниот производ со што навистина ќе допринесеме да се намалат разликите во развојот на регионите во државата. Му го честитам изборот на Коцевски за претседател и на Советот му посакувам успешна работа, рече Павлевски.
Тој додаде дека во моментов Владата го задолжило Министерството за финансии да ја испита состојбата и да процени кои се можностите за поголемо зафаќање од ДДВ за блок дотациите на општините поточно наместо досегашните 4,5 % да се издвојуваат по 6%.
Градоначалниците на општините во Вардарски плански регион, на конститутивната седница на Советот, беа запознати со досегашната работа и финансиската состојба на Центарот за развој чие седиште е во Велес. /У.Ј