На 29 ноември ќе се одржи рочиштето за стечајот во „Фени“
Во среда на 29 ноември со почеток во 12 часот ќе се одржи рочиште за испитување на условите за отворање на стечајна постапка во Основниот суд во Велес. Судот определи нов термин за започнување на постапката откако Врховниот суд на Република Македонија го одби како неосновано барањето на стечајниот должник Друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услоги ФЕНИ ИНДУСТРИ АД Кавадарци кое бараше да се определи друг стварно надлежен суд.
„Основен суд Велес останува стварно и месно надлежен суд кој ќе постапува по предлогот за отворање на стечајна постапка над должникот, пишува на веб страницата на судот.
Врховен суд одлучуваше откако на претходното рочиште, главниот извршен директор на Фени, Рајчо Аљошев Кацаров од бугарската фирма „Енекод“ побара изземање на судот во Велес, поради економски причини.
Тогаш Аљошев Кацаров призна дека барањето го поднесуваат за да добијат време да преговараат со банките кои се најголеми доверители и за да ги утрвдат сите долгови кои ги има ФЕНИ откако изјави дека во меѓувреме се појавил нов долг од 5,5 милиони евра кон УЈП.
Но Фени не е на листата на должници што ја објавува секој месец Управата за јавни приходи.
Тогаш токму овој долг рекоа од Енекод дека бил причина да не достават нова понуда до банките доверители, за конечно да станат сопственик на ФЕНИ.
Синдикатот пак во одложеното прво рочиште и во барањето друг наместо велешкиот суд да одлучува за судбината на Фени виде одолговлекување на постапката, за да се избркаат други потенцијални купувачи на ФЕНИ. Фабричкиот, поддржан од Гранковиот синдикат за енергетика, индустрија и рударство најавија нови протести и блокади./У.Ј