Вардарскиот регион црпи искуства од Алзас-Франција за развој на туризамoт
Велес денеска е домаќин на билатералната конференција „Европски искуства за развој на туризмот – билатерална соработка Македонија-Алзас“. Делегација од регионот Алзас во Франција ги споделува искуствата со претставниците од Македонија кои учествуваат на конференцијата во делот на развојот на туризмот, пред се во винскиот и рурален туризам.
На конференцијата беше присутен и амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние. Тој ја поздрави соработката помеѓу партнерите од Македонија и Франција и очекува нејзино продлабочување.
„Се наоѓаме во нов период на динамика и навистина сакаме оваа соработка да биде на конкретен начин збогатена. И на вистина од суштинско значење е да се воспостави вистинска соработка помеѓу НВО и општините бидејќи тоа е суштинска работа во европската изградба. Особено во посебни области, бидејќи регионот Алзас поседува големо искуство од областа на туризмот, земјоделството и особено од областа на винарството. Делегацијата која што е овде поседува големо искуство и се надевам дека наскоро ќе можеме да отпочнеме со реализација на конкретни проекти. Нашето министерство за надворешни работи подржува одреден број проекти низ оваа децентрализирана соработка и се надевам дека ќе можеме да подржуваме вакви проекти. Допатував за да искажам зборови на симпатии кон ваквите активности. Оваа соработка не само со општина Велес, туку со целиот Вардарски регион е значајна соработка, бидејќи постои можност таа да биде проширена“ рече амбасадорот Тимоние.
Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски исто така преку оваа соработка гледа можност за реализирање на проекти кои ќе го развиваат винскиот туризам но и транзитниот и руралниот туризамво целиот Вардарски регион.
За нас ова е многу значаен момент. Очекувам како градоначалник на Велес и како претседател на Вардарски плански регион соработката да ја продлабочиме во наредниот период. Верувам дека денеска ќе ја искористиме можноста да слушнеме многу знаења, искуства од Франција што треба да правиме во нашиот регион и во Велес и како да го развиваме туризмот, особено винскиот туризмот, руралниот туризам и како да ги искористиме сите потенцијали кои ни стојат на располагање за развој на Велес, вардарскиот плански регион и на Република Македонија“ нагласи Коцевски.
Учесниците на конференцијата од Македонија ја нагласуваат потребата од ваква соработка и размена на искуства со цел туризмот да се третира како што е потребно.
Директорот на Агенција за промоција и поддршка на туризмот Александар Донев најави изработка на важен документ кој ќе ги обедини сите чинители на туризмот во земјава за да се искористат потенцијалите кои ги има Македонија.
„Треба во еден инклузивен процес заеднички да имаме соработка за да можеме да го организираме туризмот, затоа што досега не е третиран на начин каков што треба. Измените кои ги правиме се системски од самата системска поставеност на туризмот до развојот на локалната комуникација, од централно ниво спрема локалното ниво. Во изготвување сме на еден документ кој ќе ги обедини сите туристички чинители позади кој ќе застанеме сите, заедно со владата на република Македонија. Ова е само еден пример за тоа како треба да го правиме. Алзас е еден многу развиен регион, посебно во руралниот развој.
Преку оваа сорабтока се надминуваат границите меѓу Македонија и Алзас – рекоа меѓу другото гостите од Франција учесници на денешната конференција која ја организира фондацијата за локален развој и демократија Фокус од Велес./A.Д