Француската делегација од Алзас посети повеќе велешки споменици на култура (ФОТО)
Прошетка низ најзначајните споменици на култура во Велес имаше, во рамките на тродневната посета, француската делегација предводена од претседателот на Асоцијацијата „Алма“ Жак Шлеф во чиј состав беа заменик директорот на Агенцијата за развој на туризмот на Долна Рајна Пјер Рошем како експертите за рурален туризам од регионот Алзас, Катрин Гресбек и за заштита на архитектонско наследство Клод Ешвалд. Тие можеа да ги разгледаат соборната црква „Свети Великомаченик Пантелејмон, спомен куќите на Касапови и на Јордан Хаџи Константинов Џинот, манастирот „Свети Димитрија“, комплексот куќи познат како „Варналиите“ и спомен костурницата.
Воодушевени од градбата и акустиката на ремек делото на најпознатиот македонски градител и неимар Андреја Дамјанов гостите не пропуштија да соопштат дека се фасцинирани од градбата, од иконостасот и посебно од акустичноста на сакралниот објект што и според нив е споменик на кој велешани треба да бидат особено горди.
Нивни домаќин при разгледувањето на останатите споменици беше градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Кустосот на Народен Музеј, Марин Клифов им ја раскажа приказната за ексклузивната куќа во градот, на Касапови, која е изградена на карпа па кога се гледа од надвор наликува на куќа што лебди.
Она што не прави исто толку горди кога зборуваме за спомен куќата на Јордан Хаџи Константинов Џинот е што таа е откупена од страна на општина Велес, прогласена за споменик на култура и со пари од Светска банка целосно реконструирана. Имавме за цел да ја зачуваме автентичноста на градбата и вие можете да се уверите во ова што го зборувам, гласеше поканата на Коцевски за влегување во оваа спомен куќа.
Гостите од Франција дадоа повеќе совети додека пешачеа по тесните улички во овој дел од градот со цел да помогнат при креирањето на туристичката мапа на Велес и промовирањето во земјите низ Европа.
Експертите со особено внимание го разгледаа манастирот и црквата Свети Димитрија. Тие беа особено горди што меѓу првите, изворно од конзерваторите на Националниот конзерваторски центар, ги слушнаа информациите за откриените нови фрески со кои, засега, со сигурност може да се потврди дека црквата е стара цели седум века а можеби и повеќе од тоа.
Додека престојуваа пред комплексот куѓи именуван по месноста Врналиите сугерираа во целост да се сочува автентичноста на куќите. Архитектот Клод Ешвалд не се одвои од фотографскиот апарат. Тој посветено го фотографираше секој споменик, детаљ или панорама од Велес.
Импозантен распукан афионов цвет однадвор со исто таква импознатност преку мозаик да се раскаже македонската историја е ремек дело, коментираа гостите при посетата на спомен костурницата откако беа запознати со изградбата и неговата намена. Г-ѓата Катрин Гресбекнапиша порака во спомен книгата што ќе може да ја прочита секој посетител на објектот.
Нивната посета во Велес ја организираа Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ и Општина Велес како дел од агендата за Конференцијата; „Европски искуства за развој на туризмот- Билатерална соработка Македонија -Алзас“. Потоа гостите заминаа кон Општина Чашка и продолжија во Богомила, како дел од областа Азот, за која дошле до сознанија дека е едно од најубавите места за развој на рурален туризам во Вардарскиот дел на Македонија./У.Ј