Две досега необјавени фотографии од празнувањето на Чист Понеделник на Мегдан
Секоја година по верскиот празник Прочка жителите на велешкото маало Мегдан го одбележуваат празникот Чист Понеделник. Според историски податоци се знае дека оваа традиција е стара повеќе од триста години. За овој верски празник и за традиционалното одење на гости на велешани кај пријатели во Башино Село, за богатите трпези со бело гравче, варената пченка и ракија како и квалитетно вино многумина досега пишувале.
Бројни текстови се напишани и за традиционалната прослава на Чист Понеделник организирана од жителите од маалото „Мегдан“ што Мегданци, први го започнале и секоја година го организираат на крстосницата во маалото. Но, ретко кој кажал дека првата прослава на празникот, на широчинката на Мегдан, ја организирал Ѓорѓи Гајдов во далечната 1955 година.
Седумдесет и осум годишниот Јован Тодоров деновиве го сретнав пред неговата куќа што се наоѓа на централната позиција во маалото Мегдан. И започнавме разговор во кој тој прво ми рече „објавете ја приказната за Ѓорги Гајдов, за да остане забележана и да се пренесува од колено на колено“.
Јас го послушав а тој почна да зборува:
„Чичко Ѓорѓи работеше на градското пазариште. Беше задолжен за издавање на ваги на производителите на земјоделски култури. Многумина немале да му дадат пари за користењето на вагите па му давале грав, ориз, домати, пиперки и друго. Чичко Ѓорѓи така насобрал дваесетина килограми грав и дошол на идеја Чист Понеделник наместо во Башино Село да го прослави на Мегдан. Идејата ја прифатиле Mегданци па така неговата сопруга и соседките во котел го свариле гравот, подготвиле мезе, едни донеле ракија, други вино, трети леб или секој што има за потоа да седнат на заеднички ручек. Така почна традицијата, што како аманет трае до ден денеска. Секоја година се избира кум кој ја подготвува прославата. Од тогаш па до денеска одбележувањето на овој празник не е прекинато, а и нема да се прекине се додека постои велешкото маало Мегдан“, рече Тодоров.
Тој ме замоли да почекам, влезе дома и ми донесе, досега необјавени, две фотографии од празнувањето на празникот на Мегдан.
Првата фотографија била снимена на прославата во 1967 година, а втората во 1968 година. На првата фотографија гости биле Стеван Виларов, директор на „Жито Вардар“, потоа познатиот касап Трајко Чукниев, Ристо Колар, арабаџијата Страшо Черкезот, Ацина, Тоцинот, Димче Калајџиев, Стојче Иванов и други за кои Јован не можеше да се сети на нивните имиња.
На втората фотографија на свеченоста биле поголем број на деца од маалото. Меѓу нив и Ицо Картуш, Благој Тоцинот, Ордан Тодоров, Верица Тодорова, Дијана Тодорова, Ило Гонго, Петре Бондиќов и многу други постари ама и млади Мегданци.
Според Јован Тодоров, двете фотографии, ги фотографирал познатиот велешки фотограф Томе Боцев.
„Фотографиите за прв пат ги давам за да ги објавите и да ги сочувате. Објавувајте ги кога ќе се навраќате на нашата маалска традиција. И јас, како и моите предедовци и дедовци оставам аманет традицијата да продолжи се додека Мегданци и Мегдан постојат“.
Стоилко Андреевски