Советниците од ВМРО не учествуваа во работата на денешната седница на Советот на Општина Велес во знак на поддршка на нивните уапсени партиски членови на што СДСМ експресно реагираше
Велешките советници од коалицијата „За Подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска се повлекоа од работата на Советот на Општината на закажаната 16 седница во знак на протест на акцијата на МВР во која се уапсени повеќе членови на опозициската партија под сомнеж за сторени тешки кривични дела поврзани со уривање на правниот поредок на државата и за тероризам. Образложението за повлекувањето од Советот на општината го даде координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, д-р Александар Колев велејќи дека на ваков чин се одлучиле откако се случиле процеси кои не се прифатливи за современа демократија, за држава која има тенденција да гради демократско општество.
– Во изминатиот период се случи прогон, апсење на политички неистомисленици, се случи апсење на уметници, патриоти, само поради тоа што учествуваа во организација на протести кои имаа за цел, одбрана на интегритетот, суверенитетот, на државноста на Република Македонија. Под едно срамно обвинение за тероризам, во притворот во овој момент сеуште се држат, како што кажав, чесни синови на Република Македонија, уметници, луѓе патриоти. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ изразува силен и јасен протест против ваквите сталинистички методи во водењето на политиката во Република Македонија. Ја изразуваме својата поддршка за оние кои што се политички прогонувани од страна на власта. За нас функционирањето на институциите мора да биде базирано врз демократски процеси а не врз своеволие и демонстрирање на политичка надмоќ, рече Колев.
Тој додаде дека Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја изразува својата поддршка на лицата кои во моментов се политички прогонувани од власта и дека затоа нема да учествуваат во работата на денешната седница.
На прес конференцијата на експресно реагираше локалната власт поточно советничката група на коалицијата „Живот за сите“ предводена од СДСМ. Координаторката на советничката група Весна Стојановска Богоева на самиот почеток оцени дека нивните политички опоненти на самиот почеток од работата на новиот состав на велешкиот општински совет продолжуваат со политиканство и покажува несериозност во нивното работење на локално ниво.
– Денеска на ред на нивната агенда дојде и Советот на Општина Велес . Советничката група на ВМРО ДПМНЕ ја злоупотреби говорницата на Советот за изнесување на политички ставови, кои воопшто не беа дневен ред на седницата, ниту пак се прашања со кои би се решиле дел од проблеми на Велешани. ВМРО ДПМНЕ треба да знаат дека Советот на Општината е место за решавање на проблемите на граѓаните, а не партиска трибина и дека средствата што ќе ги добијат како надоместок за денешното нивно молчење и неучество по точките од дневниот ред, не ќе можат никако да ги оправдаат пред граѓаните на Општина Велес. Злоупотребувајќи ја говорницата за партиски говори, кои се спротивни на дневниот ред, истовремено се обидуваат да извршат и притисок врз јавноста, судската власт и притоа го повредуваат правото на презумција на невиност. Ваквиот нивен недоличен однос со употреба на недолични и неадекватни зборови и термини само ја потврдуваат причината зошто се и уште долго време ќе бидат опозиција. Но и на опозицијата се не и е дозволено, посебно не расфрлање со недолични зборови и обвинувања. ВМРО ДПМНЕ треба да знаат дека времето на Груевски одамна заврши, одамна завршија монтираните судења и притворања, одамна заврши вашиот режим господа од ВМРО ДПМНЕ. Денес владее демократија во Република Македонија. Оставаме на правосудните органи на државата да одлучат дали групата која ја поддржуваат советниците на ВМРО ДПМНЕ и на која јавно и даваат поддршка, извршила кривични дела за кои што и се товари, рече Стојанова – Богоевска .
Инаку протестот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ во велешката општина е предизвикан од апсењата на нивни членови и симпатизери кои учествуваа во настаните од крвавиот четврток, на 27 април,годинава во Собранието на Република Македонија кога по отворање на собраниските врати во народниот дом влегоа демонстранти, поддржувачи на политиките на ВМРО ДПМНЕ, и во прес салата насрнаа и го тепаа лидерот на СДСМ Зоран Заев заедно со повеќемина пратеници додека лидерот на Алијансата на Албанците Зиладин Села го влечеа полумртов низ собраниските ходници./У.Ј