„Коледе леде„ пееја Коледарчињата низ велешките сокаци и маала и ја најавуваа радосната вест за Христовото раѓање
Милозвучни детски гласови ги будеа утринава велешани. Коледарчињата доаѓаа пред портите и влегуваа во домовите на граѓаните пеејќи песни. Во нивните рачиња имаше коледарски торбички. Велешани ги наградуваа за секоја испеана песна. Првата што ја пееја беше „Коледе леде“.
Додека одекнуваше нивната песна по маалата, по сокаците и по улиците во градот предизвикуваа радост кај граѓаните. Тие внесуваа среќа во домовите а домаќините ги наградуваа со ореви, костени, бадеми и овошје.
Велешани се подготвени да ја слушнат радосната вест што ноќеска на полноќ ќе гласи: „Христос се роди“! Во домовите веќе се подготвуваат посни јадења како сарма, грав и пржена или печена риба. Се месат лепчињата со паричка и се сукаат бадничките зелници. Домаќинките нив приквечер ќе ги печат.
Полни се и тепсиите со фурми и баклави.
Посните приготвени јадења и мезалаци ќе се постават на домашната трпеза. Под тепсијата со зелник секој член на семејството ќе остави пари, онолку колку што милува. Штом седнат сите покрај трпезата испеченото лепче ќе го дели најстариот член во семејството. Парче за Господ, второто за домот,па за имотот. Потоа наредните парчиња од бадниковото лепче ги добиваат членовите на семејството. Тој што ќе го најде паричето ќе го следи среќа во целата година. Негова прва награда се сите пари од под тепсијата со бадничкиот зелник.
Вечерва, секој во својот дом и на сопствена трпеза ќе ја чека радосната вест. Часовникот одбројува и покажува уште неполни пет часа до вечерата и пет часа до полноќ. Традицијата во Велес продолжува низ вековите. /У.Ј