Мајстор Коце Алексов: „Ковачкиот занает е црн и нечист ама ковачот има чисто и големо срце“
Еден од најпознатите ковачи во почетокот на минатиот век во Велес бил мајстор Коце Алексов. Коце е роден 1893 година во велешкото село Скачинци како син на Александар кој посетувал попско училиште во Софија што му овозможило да работи извесно време во црквата „Свети Пантелејмон“ во Велес. Александар во 1875 година се оженил со Евра и имале четири деца, три сина Коце, Коле, Ладе и една ќерка, Драга. Александар никогаш не се откажал од земјоделството.
Татко му ка Коце , Алексо
Мајка му на Коце, Евра
Коце, како најстар од браќата во семејствот Алексови, се родил во 1893 година, во Скачинци. На млади години го напуштил родното село и дошол во Велес за да го учи ковачкиот занает кај во тоа време познат стар мајстор. Брзо ги совладал вештините на занаетот и ја добил поддршката и благословот на мајсторот:
„Коце, сега можеш сам да работиш. Нема што повеќе да те учам. Знаеш се. Знаеш да правиш плугови, оски за воловски коли, тркала, игли за нижење тутун, узди и се друго. Има едно место во близина на дуќаните на Мајсторчињата таму отвори си дуќан и нека ти е со среќа“.
Ковачката работилница
Коце го послушал мајсторот и направил онака како што тој му рекол. Во изградбата на дуќанот му помогнал и татко му Алексо.Со новиот дуќан, кој имал две простории и купените нови алати мајстор Коце почнал да работи и брзо се прочул не само во Велес туку и по селата како голем и добар мајстор. По извесно време ги повлекол и браќата Ладе и Коле и им го пренел занаетот. Така заеднички или ортачки го отвориле ковачкиот дуќан веднаш зад Гимназијата.
Мајстор Коце со сопругата Ацка
Мајстор Коце по неколку години спечалил доста пари. Станал виден граѓанин и направил куќа веднаш до Градскиот саат. На познатиот и имотен ковач ,,око фрлиле“ повеќе моми во градот. Арно ама мајстор Коце немал среќа со изборот на брачите другарк. Се женел четири пати. Со првите две немал деца. Со третата Сава имал два сина Јовче и Аце и две ќерки Грозда и Маца. По смртта на Сава мајстор Коце животот го завршил со четвртата жена Ацка со која немал пород. Тој, еден ден, на Ацка и рекол:
„Ацко, Јовче, како најстар син, ќе го наследи мојот ковачки занает, Грозда ќе се омажи, а Маца и Аце сакам факултет да завршат. Да бидат гордост на семејството. Мојот занает е црн, но е добар и добро може да се живее од него. Сепак гледам дека Маца и Аце повеќе школото ги влече“.
Така и било. Најстариот сн Јовче, роден 1920 година , го наследил татковиот ковачки занает и за брзо време и тој станал познат мајстор во тогашен Велес. Често го заменувал во работата својот татко. Јовче бил многу вреден. Со мајстор Коце двојно го зголемиле производството. Имале полни раце работа. Додека на ручек едниот се одмарал другиот ги пречекувал муштериите.
„Само квалитетни производи синко ке им продаваш на нашите муштериите. Гледаш од секаде ни идат. Така треба да продолжиш да работиш и ти. Со квалитет и добар збор ке работиме и ќе печалиме пари“, често му велел мајстор Коце на синот Јовче.
Семејството на Коце Алексов
Јовче се оженил со Ленче, од Башино Село, и има два сина Коце, крстен на дедото и Владо. За жал вредниот син и добар мајстор Јовче починал во средината на шеесетите години од минатиот век. Мајстор Коце не ставил клуч на дуќанот. Продолжил да работи. Не престанал да работи и тогаш кога многумина од приватните дуќанџии веќе, поради брзиот развој на индустријата, ги затвориле дуќаните. Тој до смртта им останал верен на ковачките алати.
Неговата ќерка Грозда, родена 1922 година, се омажила за Петре Абраш и има три ќерки Соња, Рајна и Летка. Помладата Маца заврши виша школа и се омажи за Перо Наќев од Радовиш , мајка е на две ќерки Ленче и Елизабета, а работеше како наставник.
Синот Александар, на мајстор Коце со сопругата Сава
Како и што предвидел големиот мајстор Коце Алексов најмалиот син Александар, со образованието отишол најнапред. По завршување на Гимназија во Велес се запишува на Машински факултет во Белград, а како одличен студент магистрира и докторира. Тој беше редовен професор на Новосадскиот универзитет а во еден период и директор на фабриката „Север“ во Суботица. Александар се ожени со Аксенија од Охрид и се родители на еден син Борис кој како и татко му заврши Машински факултет во Белград.
Стар Велес
Мајстор Коце од 1924 па се до својата смрт работи во дуќанот како ковач. Работата не ја остава и за време на Југославија и слободна Македонија како еден од ретките добри мајстори во цтар Велес. Бидејќи во тоа време во дуќанот немал водовод на ручек дома постојано си доаѓал со црни неизмиени раце. Жена му Ацка го укорувала на што тој со насмевка на лице одговарал;
„Ацко, домаќинке моја, рацеве ми се црни, ама добри пари носат. А знаеш ли дека ковачкиот занает е црн, ама на ковачот душата и срцето му се чисти и секогаш добри“.
Стар Велес, под градсиот Саат, местото каде мајстор Коце направил куќа
Овој текст го напишав, откако поразговарав со моите сограѓани но, податоците за животот на мајстор Коце ги превзедов од книгата „Скачинци и скачинчани во постојана преселба“ на авторот д-р Никола Стојановски.
Стоилко Андреевски