Три основни училишта со нови в.д директори и ЈКП „Дервен“ со нов финансов директор
Сменети се двајца директори на Општински основни училишта во Велес и назначени се вршители на должност. Станува збор за ООУ „Кирил и Методиј“ и „Блаже Конески“. Според Градоначалникот Аце Коцевски смената се случила поради утврдени незаконитости во работата и злоупотреби констатирани од Државниот просветен инспекторат. На местото на Анита Станинова Мирчевска во ООУ „Кирил и Методиј“ е именуван професорот по ликовно образование Илко Стојановски додека во ООУ “Блаже Конески“ на местото на Љупчо Николовски за в.д Директор е именуван професорот по математика Јованче Манасков.
– Со директна напомена на Инспекторатот, доколку Училишните одбори направат отпор како што се случи во ООУ Кирил и Методиј, не само што е сменета директорката туку треба да се покрене постапка до полицијата, поточно Организиран криминал, и да се покрене постапка за разрешување на Училишниот Одбор затоа што се смета дека штом ја штитат директорката и тие учествуваат во правење на некои незаконити дејанија. Во дилема сме за директорката на ООУ Васил Главинов. Таму се констатирани некои неправилности но не е донесено формално решение, рече Коцевски.
Градоначалникот додаде дека ООУ Васил Главинов е со континуирана блокирана жиро сметка и дека не може да се претпостави што ќе се случи затоа што добавувачите кои досега во доверба давале на вересија престанале да го снабдуваат училиштето со суштински работи и ако не се деблокира сметката Општината и училиштето ќе имаат сериозен проблем.
Сменета е и директорката во ПОУ „Стојан Бурчевски Буридан“ во селото Иванковци која заминува во пензија а на нејзино место за в.д Директор е именуван Трајче Малинов.
Во сите училишта в.д директорите се именувани одвнатре, од постоечкиот просветен кадар.
Исто така нов финансов директор има и ЈКП „Дервен“. Сменет е дипломираниот економист Александар Бузалков со неговиот колега Васил Николов./У.Ј