Општина Велес се обидува дивите да ги направи легални продавачи на градските пазари но, сеуште нема решение за враќањето на тезгите на плоштад Којник
Општината ќе воведува ред со поставувањето на тезги за продажба на дребулии, гардероба, обувки и други видови на производи кои се продаваат надвор од двата градски пазари. Нема да се толерира нелегалната продажба со одземање на просторот на тротоарите кои се места што треба да ги користат пешаците. Секој што ќе сака да продава ќе мора да се легализира и да добие локација на која ќе може да постави тезга. Вака апелираше Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски до оваа категорија на граѓани кои со продажба на ваков вид на стока ја обезбедуваат материјалната егзистенција на семејствата. Тие веќе биле опоменати од општинските инспектори.
– Нема да попуштиме ни со отстранувањето на објектите од другата страна на пазарот каде што се наоѓа кафеаната „Пармак“. Особено сум револтиран и ве упатувам да отидете и да го регистрирате тоа со вашите камери или фото апарати од начинот, што на каубојски начин, е поставен еден голем времен објект што како чир е поставен на средината на паркингот и за кој исто така на незаконски начин е склучен договор помеѓу сопственикот и ЈКП Дервен и ќе бараме итно да се отстрани. Дури е приклучен и со напојување на електрична енергија а се наоѓа на средина на паркингот. Нему му се наплаќа како да има закупено четири тезги на паркингот затоа што немале друг правен основ како да му наплатат. По правило треба да биде поставен со дозвола на Општината која треба да му наплати за користење на јавно прометна површина, рече Коцевски.
Тој додаде дека сите објекти што се наоѓаат на паркингот кај централниот градски пазар во наредниот период ќе бидат отстранети и дека бил исклучително задоволен од соработката и комуникацијата со Секторот за внатрешни работи во Велес и посочи дека би можеле да послужат како добар пример на соработка на локална и централна власт кога е во прашање интересот на граѓаните. Коцевски констатираше дека всушност граѓаните и не треба да ги интересира чија е надлежноста, дали на локалната или на централната власт, туку само решението на нивните проблеми.
Одговарајќи на новинарско прашање како ќе постапи Општината со реакцијата на овие продавачи кои подготвуваат петиција и ќе ја достават до Општината и со петицијата потпишана од 600 граѓани за враќање на тезгите на плоштад Којник наспроти првичната за отстранување со потписи на 30 граѓани Градоначалникот рече:
– За првиот случај имам притисоци од СДСМ, немам од сопствениците на објектите или на дивите тезги. Имаше најава дека во општинската зграда ќе дојдат 100 граѓани Роми но не дојдоа иако ние со СВР Велес бевме подготвени да ги примиме за да им образложиме сошто тоа го правиме. Мојот став е дека не треба да попуштиме. Сега е извонредна можност градот да го направиме да личи на град затоа што брзо нема избори а кога нема избори притисоците од партиите се многу лабави и сите непопуларни чекори треба да се направат сега. Сакам да ви кажам дека и јас сакам, кога одам на пазар, да ме тапкаат по рамо, да ме гушкаат ама сум се нафатил да бидам Градоначалник и морам понекогаш да носам непопуларни одлуки. Јас барам сите граѓани на Велес да го почитуваат тоа и да сватат дека тоа што го прават не е законски. Кога сега ќе поминете по тротоарот е сосема поинаква глетката а продавачите се внатре во пазарот. Тие инаку имаа одлука од Советот на Општина да продаваат од возила. А дали вие видовте некој да продава од возило. За пазарот на Којник е точно дека споредбено бројот на потписите од граѓаните кои сакаат да се вратат тезгите е поголем. Го анализираме со СВР Велес барањето бидејќи и дури да сакаме да дозволиме постојат законски пречки кои не дозволуваат на коловоз да се поставуваат тезгите, рече Коцевски.
Според него идеално решение би било да им се помогне на продавачите да го продолжат нивниот бизнис во некој затворен простор, во околните куќи како некој вид на пиљари за да сите бидат среќни и задоволни. Коцевски не е сигурен дали ќе успеат со такво решение но рече дека конечна одлука не е донесена и решението на овој проблем сеуште се бара. /У.Ј