Велешката противпожарна единица има само едно исправно возило за гаснење на пожари
Само едно, триесет и пет години старо, возило во велешката пожарна е исправно. Останатите не можат да ја извршуваат функцијата бидејќи не се исправни. Едно од нив три години стоело кај механичарот во Здружението на возачи без да биде поправено. Оштетувањата на возилата се појавиле како резултат на неиспуштање на водата во зимскиот период или биле со други дефекти кои во изминатиот период не биле отстранети. Тоа го утврдила контролата што ја направил Градоначалникот Аце Коцевски заедно со ревизорите на општина Велес во Територијалната противпожарна единица. Коцевски смета дека градот има голема среќа што во изминатиот период не се појавил поголем пожар.
– Не дај боже да се случи пожар од поголеми размери. Тоа што го констатиравме со ревизорите многу ме вознемири. Во ТППЕ целосно се нарушени меѓучовечките односи и има многу неодговорно однесување, злоупотреби, незаконски унапредувања и назначувања на Командир на вод, на други службеници во единицата а најзагрижувачко е тоа што само едно триесет и пет години старо возило е исправно додека останатите не се исправни поради неиспуштање на вода, од мразот се оштетени делови на возилата додека дел поради несоодветен однос на Командирот и на Општината затоа што за оштетените никој не превзел мерки да бидат отстранети дефектите за да се стават во возна состојба и ако затребаат да бидат употребени, рече Коцевски.
Одговарајќи на новинарско прашање во каква состојба се возилата што лани ги доби противпожарната единица како донација Градоначалникот рече дека од двете мали возила од марката „амарот“ било исправно едно а второто поради неиспуштена вода морало да се поправи како и дека бидејќи станува збор за мали возила тие немаат моќ да гаснат големи пожари.
Коцевски најави дека во наредниот период ќе превземе поенергични мерки за да се доведат во ред состојбите во Територијалната Противпожарна единицата на Велес./У.Ј