Велешанката Родна Смилева Коларова, школувана бабица во цариградската медицинска школа
Не постоел граѓанин во Велес што не ја познавал бабицата Родна Смилева Коларова. Неа секој ја повикувал за породување, за помош на болни деца, за свадба, акчиица да биде. А баба Родна незнаела никого да одбие. Одела и кај Македонци и кај Турци и кај Власи и кај Роми. Таа била тивка, полна со добрина и од нејзината душа и срце, протекувале убавите зборови што помагале на свет да се донесе уште едно дете, да му се помогне да се излекува, да се направат сите адети за среќа и берикет на младенците. Таква била баба Родна, една од ретките велешанки која средно медицинско училиште завршила во Цариград во далечната 1912 година.
Во виорот на Балканските војни се вратила во Велес полна со елан и голема желба да им помага на луѓето, посебно на децата, работи кај повеќемина лекари. Бидејќи била способна и многу добра жена, велешани многу ја почитувале.
Баба Родна е родена 1893 година во семејството на Ладо и Љуба Смилеви. Ладо бил познат касап и добар мајстор за производство на колбаси и други сувомесни производи, но бил со немирен дух. Па така кога Родна, единственото дете во фамилијата, имала четири години, тој заминал на печалба во Букуреш во Романија. Таму најнапред работел кај некој месар,а подоцна, кога спечалил доволно пари , си отворил мала фабрика за сувомесни производи. Далечината си го сторила своето. Станал имотен и влијателен човек. Се запознал со убавата германка Хелга со која и се оженил. Својата ќерка Родна ја видел за последен пат кога таа имала десет години. Но, никогаш не ја заборавил. Родна била многу талентирано дете. По завршување на основно татко и Ладо и обезбедил пари и ја испратил да учи средно медицинско училиште во Цариград. Родна била одлична ученичка и бидејќи многу добро го зборувала турскиот јазик лесно го совладувала градивото и постигнувала одлични резултати во образовниот процес. Од татко и и останало само презимето Ладова.
Ладо Смилев, таткото на баба Родна Смилева Коларова
„Баба ми Родна никогаш повеќе не го видела својот татко Ладо. Како што ми кажуваше, за него се сеќавала само по тоа што тој бил висок и убав маж кој во тоа време по останатите печалбари, покрај за школување и испраќал пари за живот и после завршувањето на школувањето. Таа како медицинска сестра била многу ценета. Била и многу убава жена. Око на неа фрлил Милчо Коларов, кој работел во книжарницата на Лазо Смилев, еден од браќата на нејзиниот татко Ладо. Покрај Лазо, Ладо ги имал и браќата Апостол, Ѓошо и Диме како и сестрата Ката. Кога Родна се запознала со Милчо тој бил бугарски војник, но по Балканската војна, кога Бугарија ја напушта Македонија, тој дезертирал и останал во Велес. Милчо и Родна се земале и имаат три деца, синот Тошо Коларов и две ќерки Милка и Злата кој многу мали починале“, рече внукот на Родна, Јордан Коларов.
Баба му, по мажачката и по раѓањето на децата повеќе не работела кај лекари туку била само бабица на повик. Од дома ја викале да оди да породува не само во Велес туку и во други градови во тогашна Македонија. Бабицата Родна заедно со Веса Амбаркова и Лена Гравчева летно време одела на жетва на јачмен и пченица на полињата во селата околу Велес за да обезбедат храна за семејствата.
„Еден ден, кога се враќале од жетва, на патот ги сопреле измеќарите на шеот кој разбрал дека Родна е бабица и дека лекувала од повеќе болести, а неговата жена била повеќе денови болна. Баба ми заедно со Веса Амбаркова, отишле во куќата на шеот. Неговата сопруга лежела во безсознание. Баба ми кога ја видела им рекла сите да излезат од собата. Потоа застанала зад главата на болната и почнала да зборува: „Сега во постела, утре во „тогут“-мртовечки сандак“. Тие зборови ги повторила три пати и му рекла на шеот дека на жената ќе и биде добро. И навистина таа вечерта се разбудила и побарала да јаде. Наредното утрото повторно побарала храна а на пладне станала и заедно со другите жени почнала да подготвува ручек. Кога шејот видел дека жена му оздравела наредил кога баба Родна ќе се враќа од жетва повторно да дојде во неговата куќа. Кога баба стигнала во неговиот дом Шејот ја наградил. Потоа низ Велес и низ селата се проширила веста дека баба Родна е голем народен лекар“, додаде внукот Јордан.
Баба Родна како бабица непречено работела и за време на Стара Југославија, за време на бугарско, а и по ослободувањето и создавањето на СФРЈ. Таа била еден од главните активисти во градот за време на народната револуција поточно главниот разнесувач на летоци и друг пропаганден материјал што во печатницата која се наоѓала недалеку од нивната куќа, ги печателе и и ги давале Ќамуран Тахири, Боро Петров, Пандора, Малинот и другите членови на тогашната Организација. Бидејќи сите ја знаеле дека работи како бабица, а тоа го знаеле и Србите и Бугарите, не и правеле проблеми па така баба Родна слободно одела насекаде.
Јордан Коларов, внук на баба Родна Смилева Коларова
„Исто така баба ми правела и многу лекови од разни тревки и им ги давала на болните граѓани. Таа била и главна акчиица на свадби и што е уште поважно специјално ја викале на свадба да го води орото на песната „Ибраим оџа“ со кое завршувала свадбата. Баба како акчиица беше и на свадбата на познатиот актер Борис Мајсторов и на поголем број тогашни видни луѓе во Велес. Исто така таа беше и голем верник. Ги посетуваше сите цркви и манастири, а четириесетина години беше домаќин на параклисот „Свети Јован“ – „Маркова меана“, кој се наоѓа во близина на манастирот „Свети Димитрија“. Да ви кажам и ова дека баба Родна почина 1969 година и тоа токму на денот на „Свети Јован“ ,рече Јордан.
Баба Родна, која се родила и живеела во турско, во бугарско, во српско и во слободна Македонија, била погребана со големи црковни почести. Опелото го одржале три попа пред неколку стотини велешани. Таква била баба Родна, една од првите медицински сестри во Велес, со завршено училиште во Цариград. Таква била и таква засекогаш ќе остане во сеќавањата на генерации велешани кој што ја познавале.
Стоилко Андреевски