Опасна глутница од бездомни кучиња, вгнезденa во паркот на влезната улица „Димитар Влахов“ во Велес
Десеттина бездомни кучиња кои си направиле легло во паркот над река Вардар спроти продавницата на „Севдин комерц“. Тие деновиве му се втурнале на мало дете чиј плач ги алармирало граѓаните во куќите на главната влезна улица во Велес, „Димитар Влахов“ а еден од нив со метална шипка во раце ги разбркал и го спасил.
– Детето беше вознемирено и едвај успеавме да го смириме. Потоа со сопругата го испративме до дома. Глутницата од кучиња, која најверојатно е во парење, е опасна. Претходно не се случуваа вакви работи но, поради опасноста што ја видовме сакаме да ги предупредиме пред се граѓаните а потоа и здруженијата за заштита на животни и советниците на Советот на Општина Велес. Овие кучиња мораат да се заловат и да се однесат во
Ветеринарна станица или во прифатилиштето на зружението на граѓани „Гласот на животните“, рекоа граѓаните.
Но плацот е претесен и капацитетот е целосно исполнет, констатираа членовите на граѓанското здружение кои се љубители на домашни животни и помагаат да се згрижат напуштени кучиња и мачки. На една од прес конференциите и Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски се изјасни дека тој плац повеќе не може да одговори на енормно зголемениот број на бездомни животни. Тогаш Градоначалникот соопшти дека се разгледува нова, поголема локација за згрижување во атарот на село Војница.
Денеска не успеавме да оствариме контакт со Ветеринарната станица во Велес за да им ја предочиме потребата од интервенција поточно заловување и сместување на кучињата во нивното сместувалиште.Тоа според граѓаните кои живеат на оваа улица во градот е првата работа што треба да се стори./У.Ј