Слоботка Ререва Карабуништанова една од првите учителки во Велес
„Трајко слушај ме. Јас одам на курс за учители. Ти дали ќе се лутиш на мојата одлука или не, незнам. Јас решив сакам да бидам учителка. Сакам да учам деца. Да ги научам да пишуваат, да читаат, да видат виделина, свет да видат. Да не бидат слепи, како нашите стари. Кој што сака нека зборува јас одам на курс во Скопје за учители. Ако ме сакаш мене и децата, нема да ми правиш проблем. Монополска работничка несакам и нема да бидам. Учителка ќе бидам “. Овие зборови, по војната 1946 година, му ги рекла на својот Трајко неговата сопруга Слоботка Ререва Карабуништанова и заминала на курс за учители во Скопје.
Семејството на учителката Слоботка Ререва Карабуништанова
Трајко, познат велешки трговец, видел невидел и ја исполнил желбата на својата сопруга. Додека Слоботка била на курс тој бил и татко и мајка на своите две деца Антон и Лилјана. По шест месеци, колку што траел курсот, Слоботка се вратила во Велес со завршена диплома за учителка. Во куќата на Трајкови се одржала свеченост. Сите домашни, роднини и цело мало, од „Маалска чешма“, па нагоре, славеле. Слоботка стана учителка. По недела, две започнала со работа во основното училиште „Кирил и Методиј“. Била примена на работа како учителка на ученици од прво одделение. Кога по првиот работен ден се вратила од училиштето во својата куќа, од радост, влегла во една од собите и на глас заплакала.
Внуката на учителката Слоботка,наставничката Оливера Ѓоргиева
„Сето ова, од збор до збор, ми го раскажа мојата баба, учителката Слоботка и ми остави завет кога ќе пораснам и јас да бидам учителка, зашто, како што ми рече, ако сакам да бидам племенита, да имам голема душа и да им помогнам, посебно на децата, тоа ќе можам да го направам само ако го продолжам нејзиниот благороден позив. Тој аманет и го исполнив на баба ми“, рече наставничката Оливера Ѓоргиева, внука на учителката Слоботка.
Таа е внука од ќерка на учителката Слоботка која работи во општинското основно училиште „Блаже Коневски“ во Велес. Ја посетив и тоа во момент кога со колешките беше во кабинетот, на договор, по завршување на часовите. Штом и соопштив зошто ја барам на нејзиното лице се развлече блага насмевка.
„Баба ми тоа го заслужува!“, констатираше Оливера. Потоа колегите си заминаа а во кабинетот на училиштето Оливера почна да го раскажува животниот пат на нејзината баба.
Учителката Слоботка со ученици на крај на учебна година
„Баба ми е родена во 1904 година во Штип, во семејството Ререви. По основно завршила и седми клас Гимназија. Многу сакала да учи, но нејзините браќа Ѓорѓи и Јован, велејќи дека за девојка е доволно толку школо, ја отпишале од Гимназија. Слоботка со тага го напуштила училиштето но, се заколнала дека кога и да биде ќе продолжи и ќе ја исполни сопствената желба да биде учителка. И купиле машина за плетење чорапи па така Слоботка наместо да чита книги плетела чорапи. Семејството во 1928 година, со стројници, ја омажило за дедо ми Трајко Карабуништанов, трговец од Велес. По четири години брак во 1932 година таа го родила синот Антон и пет години подоцна ќерката Лилјана. Баба била со немирен дух. Се поврзала со напредните организации во Велес и станала мошне активна. До Втората светска војна, до 1941 година, била домаќинка, а потоа работела во Монополот. За време на војната плетела чорапи за партизаните и организирала женски кружоци како во Монополот така и во маалото на кои што се читале прогласи и друг материјал поврзан со НОБ. По војната, како што реков, заминала на курс за учители и ја исполнила животната желба да стане учителка. Била меѓу најдобрите. До пладне времето им го посветувала на децата кои што ги образувала во основното училиште во градот додека во вечерните часови одела во Кочилари за да ги описменува децата – бегалци, дојдени од Егејска Македонија. Исто така држела курсеви и за описменување на нивните родители “, рече нејзината внука Оливера.
Учителката Слоботка со ученици на излет
Учителката Слоботка целиот работен век од 1946 до 1970 година го поминува во основното училиште „Кирил и Методиј“ учејќи деца од прво до четврто одделение. Како учителка била подобра од мајка. Била строга. Сакала знаење. Но, била праведна и затоа сите ученици ја почитувале. Се подготвувала за секој час. Се радувала заедно со нив на секоја радост и тагувала на секоја тага. Им помагала и кога биле здрави и кога биле болни со тоа што кај вториве умеела да ги посети дома и да им го објасни градивото што го предавала на часовите. Учителката Слоботка Ререва Карабуништанова ги сакала сите ученици како свои деца.
„И како учителка и како човек баба ми беше многу добра. Сакаше на секого да му помогне. Не жалеше ни труд ни време. Многу беше почитувана од колегите на работа, од учениците, нивните родители, а многу беше ценета и во маалото. Сите совети, за арно или лошо, бараа од неа. Ми велеше, внуко децата се чудо. Со нив многу убаво е да се работи. Еден ден ќе те расплачат а друг ден ќе те насмеат, ке те расположат и ќе направат да заборавиш на маките“,рече внуката Оливера.
Учителката Слоботка со последната генерација на ученици во училштето „Кирил и Методиј“
Учителката Слоботка и по пензионирањето се до 1982 година, кога почина, постојано беше со учебниците. Таква ја помнат до ден денес голем број нејзини ученици кои за неа говорат како за „праведната и добрата учителка Слоботка“.
Стоилко Андреевски