Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

„Јаворче“ е најмалото маало во Велес.Се наоѓа веднаш под Мегдан и Маалска од северната, се граничи со Долни пат од јужната и со маалото Долни Дуќани од источната страна на градот. „Јаворче“ е познато и славно маало. Во него се наоѓаат куќите на големиот преродбеник Јордан Хаџи Константинов Џинот и на основоположникот на социјалистичката мисла Васил Главинов.

Од западната страна е улицата што води кон Кланица и карпестиот предел под соборната црква „Свети Пантелејмон“. До „Јаворче“ се пристигнува преку улицата која води од Мегдан кон Долни пат, веднаш преку сокакот над куќата на Касапови, која е ремек дело на велешката архитектура и според мислењето на домашни и светски реномираните архитекти ја викаат и „куќата што лебди“. Од источната страна до маалото се стигнува по тесниот сокак кој минува покрај куќата на Васил Главинов каде што многу одамна постоел и сокак кој маалото го поврзувал со Мегдан и Маалска чешма. Но за жал тој сокак денес го затворија новоизградените куќи.

Карактеристично за куќите од маалото „Јаворче“ е и тоа што тие некогаш биле поврзани меѓу себе со подземни скривници и тунели и надземни капиџици. Токму ппреку нив незабележано борците за слобода, бегале кон Вршник и другите маала за време турско, бугарско, српско и во деновите на НОВ. Траги од тие подземни тунели и капиџици може да се забележат и денес кај некој од старите куќи.

Сокакот под спомен куќата на Васил Главинов

Денес многу е мал бројот на старите семејства кој останале да живеат во ова велешко маало. Токму поради тоа не бевме во можност по ред, како што биле наредени куќите, да ги запишеме и можеби некои ќе останат незабележани. Сепак да почнеме.

Ова мало маало почнува од куќата на големиот македонски син Васил Главинов. Покрај Главинови, чија куќа денес е спомен куќа, меѓу познатите секако се фамилијата на Илија и Марика Благачката, Киро и Пандорка Давчеви со ќерките Маре, Цвета и синот Ангел, Трајко и Слоботка Тасков со синовите Илчо и Трајче , Ѓошо и Мица Урумови со синот Владо и ќерката Васа. Таму живееле и Ванчо и Блага Урумови, Илија Ѓоргиев со синот Ѓорѓи и ќерката Горица, Живко и Ратка Панови со синот Борис и ќерката Перса, Трајко Тоцинов со синот Благој и ќерката Цвета, како и Данчо Гинов со синот Благој и ќерката Данка. Во малото живееле и семејствата на Коларови со синот Трајко- немиот и ќерката Илинка, Киро Црвенов со синовите Ристо,Ангел и Аце, потоа Владои Ката Малинови со синот Трајче и снаата Љубица, спикерка во поранешното Радио Титов Велес. Потоа семејството на Перо Павлов, на Марика и Ганчо Дрвенкови со синот Панче и ќерката Деса. Во спомен куќата на Џинот живееле Викентие и Родна Даневи со синот Трајче, а веднаш до нивната била куќата на семејството на Панче и Таска Бошкови со синот Ангел. Тие куќата ја купиле од Бондиќеви. Таму свој дом имале и Тоде и Драга Пракицови со синот Ѓоре.

Од улицата од Мегдан која води кон Долни пат се наоѓала куќата на семејствот Дебарлиеви со синот Панче и ќерката Лилјана, потоа на Благој Дибекот и сопругата Донка со синот Данчо, па куќата на семејството Апцеви со ќерките Ката, Ленче и уште две, потоа на Марика и Ганчо Дрвенкови со синот Панче и ќерката Деса, на учителот Киро Дрвенков, кој многу рано се иселил во Скопје.

Спомен куќата на Јордан Хаџи Константинов Џинот

Одма кога ќе се навлезе во улицата од кај куќата на Касапови, во маалото живеело семејството на Ристо и Мара Кимови, со синовите Крсте и Јове, до нив била куќата на Игно и Родна Кимови со две ќерки. Тие куќата ја купиле од Црвенови. Таму живее и Бранко со синот Диме, па Коле, Блаже и Грозда со синот Диме, како и Коле и Цвета со синот Иле и ќерката Лилjана. 

На влезот од маалото се наоѓала и куќата на Владо и Милка со синовите Киро и Мето, а пред куќата на Касапови живеел Андо зурлаџијата со својата жена и трите сина Благој, Ѓоре и Божо.

Карактеристично за ова маало е тоа што на средината е засадено дрвото јавор, до кое порано постоела и маалска чешма. Под јаворот и чешмата жителите имале маса, со клупи, на кој најнапред додека чекале да наполнат вода, а подоцна тоа им станало и традиција, секоја вечер се собирале, си ги кажувале маките и радостите, пееле песни до доцна во ноќта, а младите тука се вљубувале.

Времињата се изменија. Денес таму ја нема масата, но од јаворчето и некогашната чешма трагите сеуште стојат како неми сведоци дека ете тука некогаш имало и радост и тага како составен дела на градскиот живот. А токму по засаденото дрво, јаворчето и маалото го добило своето име. Секако спомен куќите на Џинот и Главинов, кои се посетени од домашни и странски туристи, му даваат уште поголем белег на ова славно велешко маало.

Стоилко Андреевски

Поврзани вести

Web banner Duma Sinalco Nagradna Igra 300x250px

 

Најново