Велес под снег – кој, каде, како и колку исчисти
На коловозот на централните улици на Велес фрлена е сол и абразивно средство ноќеска додека од утрово работници на ЈКП „Дервен“ со лопати и со машина ги чистат тротоарите од снег.
Во акцијата за чистење на снегот исто така учествуваат и вработените од продавниците и маркетите, секој пред својот објект.
Според информациите на Центарот за известување, ЈП „Македонија пат“ ја исчистил улицата која води до болницата во Велес, потоа главните градски улици и ги пробил патните правци кон селата Иванковци, Раштани и Бузалково. Механизацијата на ГП „Делта пром“ го исчистила снегот од патиштата кон Чолошово и Дорутовец додека втората фирма избрана на тендер од страна на општината „Изгрев“ го истуркала снегот од патниот правец кон Бузалково за потоа и кон Отовица, Кумарино, Мамутчево, Сујаклари и Иванковци. Засега не се расчистени улиците кои водат кон двете цркви во градот „Свети Пантелејмон“ и „Свети Спас“.
Паднатата количина снег, во текот на ноќта, сепак создаде проблеми рано утрово на територијата на општината.
„Денеска не се одвиваше настава во подрачното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во село Црквино. Во село Бузалково се одвивала само одделенската, додека предметната заради снегот е одложена затоа што ја следат деца од Сливник и Клуковец. Настава немаше и во село Раштани. Во централното училиште во Иванковци Стојан Бурчевски-Буридан не се одвивала на настава поради отежнат сообраќај. Во сите други училишта наставата се одвиваше без проблеми,“ напишаа од Општина Велес.
Фотографиите ја покажуваат состојбата претпладнево на улицата што води кон месноста „Којник“ и на самиот плоштад. Исто така, дотогаш граѓаните не беа излезени да го расчистат снегот пред своите куќи.
Инаку според информациите на Центарот за известување до пладне единствено непрооден е патот од Богомила во правец на Нежилово, Ореше и Папдрадиште во општина Чашка. Таму се работи на расчистување како и на пробивање на патниот правец кон селата Дреново, Горно и Долно Јаболчиште.
Во општина Градско се чисти само патот кон селото Водоврати бидејќи останатите патни правци се проодни./У.Ј