Еден час и десет минути доцнеше утринскиот воз од Скопје за Битола, на машиновозачот му се заклучија клучевите во кабината
Овие клучеви што останале на пултот во кабината на машиновозачот на утринскиот воз кој во 6 часот и 42 минути тргнал од Скопје за Битола кога тој се симнал од возот се причина за тоа што патниците еден час и десет минути утрово седеле во вагоните на железничката станица Кадина река. Машиновозачот се симнал од кабината и застанал до возот додека чекал да стигне втор воз од спротивен правец за попатно да се разминат на оваа желзеничка станица. Но токму тогаш се затворила вратата од неговата кабина а во неа и клучевите со кои единствено можел да ја отвори влезната врата.
Тоа што потоа следело биле стресот што машиновозачот го преживеал и неговите беспомошни обиди да ја отвори вратата како и нервозата на патниците додека еден час и десет минути стоеле во место бидејќи најголем дел од нив биле работници кои се враќале од трета смена од работните места во Скопје.
По еден час и десет минути стигнал наредниот воз а со него и резервните клучеви со кои вратата се отворила веднаш. Утринската веќе станала претпладневна релација бидејќи возот на железничката станица во Велес пристигнал точно со задоцнување од еден час и десет минути или во 9 часот и 25 минути .
Директорот на Македонски железници транспорт, Сашо Јовановски за Дума.мк ја потврди информацијата. Иако затечен од прашањето прво рече дека се создал технички проблем на патничката гарнитура а потоа побара дополнително време за попрецизно да се информира. Кога тој се јави соопшти дека новинарските информации се точни како и дека согласно правилникот за работа против машиновозачот ќе бидат превземени мерки за тоа што клучевите му останале во кабината кога тој се симнал од возот./У.Ј