Во 21 век, во Велес сеуште има жени кои молчат иако со години се тепани од своите сопрузи
Се зголемува бројот на жени кои се жртви на семејно насилство во велешко. Тие се најчесто членови na семејства во кои мажите се алкохоличари, зависници од дрога, или се економско зависни од платата на сопругот или како недоволно образовани долги години се соочуваат со тупаниците на посилниот пол. Тие се срамат да кажат дека се тепани, сексуално злоставувани или омаловажувани па затоа молчат. Всушност ќутат се додека стравот и малтретирањето не ги донесе во состојба на тешки депресии, растројства или анксиозност па тогаш бараат помош од невропсихијатри. Во болница од страна на лекарите и психолозите се открива вистинската причина за нивното страдање, рече психологот на ЈЗО Болница Велес, Емилија Здравковска.
– Најчесто да побараат помош ги ограничува економската зависност или се плашат од помислата дека ќе им го ускратат правото на децата да раснат покрај двајца родители. Се борат со години. Имаме случаи на жени кои дваесет години трпат насилство од мажите се дури донесат одлука да побараат лекарска помош, рече Здравковска.
Покрај здравственото лекување на малтретираните жени им се ставаат на располагање методи на помош со која можат да ја вратат самодовербата и откако ќе постигнат емоционална стабилност се враќаат во нормалниот тек на живот кој и Здравковска го дефинираше низ ставот „ако може да се нарече нормален живот“. Велес не располага со шелтер центар а овие жени најверојатно немаат поддршка од своите најблиски кои би ги прифатиле и заштитиле од насилниците и насилствата што врз нив се вршат.
– Постојат случаи кога додека пациентката ја лекуваме од депресивно растројство во исто време нејзиниот сопруг се лекува од алкохолизам. Се трудиме колку што можеме да сториме во стабилизацијата на состојбата во која се наоѓа и насилникот и жената која е изложена на насилство. Но тешко успеваме бидејќи по одредено време повторно се појавуваат истите проблеми и тие се враќаат како наши пациенти што значи дека ништо не сме решиле, додаде Здравковска.
Таа соопшти дека постапката на лекување вообичаено ги вклучува стручните лица од Центарот за социјални работи и инспекторката на СВР Велес. Во конкретните случаи Болницата дава медицинска и психотерапевтска заштита. Овие податоци беа соопштени на трибината, што два дена, пред меѓународниот празник на жената 8 март ја организираше Клубот на жени на СДСМ во Велес.
Инаку трибината започна со информациите на претседателката на жените на СДСМ во Велес, Весна Стојанова Богоевска посветени на Истамбулската конвенција за правата на жените и заштитата од семејно насилство што Република Македонија ја ратификуваше лани, во декември. Предностите што жените изложени на семејно насилство ќе можат да ги очекуваат со ратификацијата на оваа Конвенција е што голем дел од неа ќе треба да стане составен дел и на годишните програми за работа на Општините со кои ќе треба да ги решаваат проблемите кои се последица на семејно насилство, родова еднаквост, жртви на сексуални и друг вид на малтретирања, бело робље итн.
На трибината освен психологот Здравковска свои искажувања поврзани со правната, институционалната и здравствената заштита на жените имаа адвокатот Душко Петров, Габриела Маџовска од Форумот на жени на СДСМ во Скопје, Родна Јанчова како поранешна директорка на Центарот за социјални работи во Велес и Јелица Карова вработена во СВР Велес. /У.Ј