(ФОТО) Собрани 140 м3 смет во еколошката пролетна акција за чист Велес без учество на граѓаните пред чии домови се чистеше
Сите освен граѓаните чии улици беа опфатени во акцијата за чистење на Велес од сметот се вклучија денеска во неа. Тие кои живеат на улицата „Луј Пастер“ ѕиркаа од прозорите, гледаа од терасите а најхрабрите излегоа и до портите но, никој од нив не се охрабри да посегне по метлата, гриблото или вилите и сосема кратко да придонесе во желбата на градот и на ЈКП „Дервен“ да се собере што поголема количина на смет по која газат или им стои пред домовите. Додека волонтерите чистеа по оваа улица дури се одвиваше и сообраќај а возачите со сопатниците не застануваа туку само гледаа преку стаклата на возилата.
Големи купишта на смет се собраа и долу од бреговите над пругата Велес -Битола. Нив комуналците од ЈКП „Дервен“ ќе треба дополнително да ги изнесат и соберат. Градоначалникот Аце Коцевски рече дека се срами од фактичката состојба со сметот во градот.
– Затоа одлучивме да организираме прва акција под мото „Не валкај – разубави“ во соработка со ЈКП „Дервен“ и сите институции под надлежност на локалната самоуправа како и граѓанскиот сектор. Би сакал посебна благодарност да упатам до претставниците на граѓанскиот сектор и основните и средни училишта. Акцијата ја оценувам како многу успешна и морам со жалење да констатирам дека воопшто не ми беше драго што одредени граѓани додека ние им го чистевме сметот си седеа на сонцето и гледаа сеир. Тоа значи дека во наредниот период треба многу повеќе да работиме на подигнување на јавната свест, почнувајќи од детските градинки, основните и средните училишта како и со граѓаните. Комбинирано со тоа прво да има предупредување од страна на комуналниот инспектор со комуналните редари и да започнеме со казнување на граѓаните кои не ја почитуваат чистотата во градот, рече Коцевски.
Одговарајќи на новинарското прашање за малиот одзив на граѓаните кој бил реакција кон неизвршување на работните задачи од страна на вработените во комунална хигиена на ЈКП „Дервен“ Коцевски рече:
– Мора да признаам дека кога станав Градоначалник состојбите во Дервен, особено во Комунална хигиена, беа на многу ниско ниво и со опременост од механизација и со работната сила. Сега има подобрување но не е такво како што треба да биде. Градот е премногу нечист за да можат сега сами вработените во Комунална хигиена да го исчистат. Затоа сметав дека е потребно да организираме една масовна акција и исчистен да му го предадеме на Дервен за да можат континуирано да го чистат. рече Градоначалникот .
Тој најави дека масовни еколошки акции за чистење на Велес ќе бидат организирани два пати во годината, во пролет и во есен, како и дека очекува на наредните акции да се приклучуваат што поголем број на граѓани.
Инаку, во денешната пролетна еколошка акција под мотото „Не валкај – разубави“ учествуваа околу 200 вработени во општинската администрација и ЈКП „Дервен“, наставници и ученици во основните и средните училишта и претставници на граѓанскиот сектор поточно Еколошката групација „Грин Пауер“ и велешките планинари кои го исчистија од медицински отпад брегот помеѓу инфективното одделение на Болницата и ООУ “Блаже Конески“ како и Еколошкото друштво „Вила Зора“ и Фондација за локален развој и демократија „Фокус“. Акцијата ја предводеше самиот градоначалник кој работеше на симнувањето на сметот од еден дел од брегот над битолска пруга кај спортското игралиште во населбата Тунел.
Во еколошката акција, за два часа, се собраа 140 м3 смет.
Единствена светла точка во денешната акција беа група граѓани кои самоиницијативно го чистеа сметот помеѓу улиците „Крсте Мисирков“ и „Андон Шурков“. Се чистеше и на градскиот фудбалски стадион, централниот градски парк и кај летниковецот во Долни Дукани.
Локација Долни Дуќани
Во обиколката низ градот сеуште можат да се најдат количини на смет во контејнери, на поранешни места на кои беа поставени контејнери или оставени полни кеси со смет покрај контејнери. На локацијата кај зградата на Подрачната служба на Фондот за ПИО и Здравствениот дом имаше количина на измешан граѓански смет со медицински отпад покрај полупразниот контејнер, иако на педесетина метри поточно позади зградата на Здравствениот дом има специјален објект за медицински отпад. Вакви и слични состојби на смет расфрлан по улици, оставен до контејнер или преполни контејнери има на повеќе локации во Велес./У.Ј
Контејнер и до него медицински отпад кај зграда на ПИО во Велес
Медицински отпад до контејнер кај зграда на ПИО во Велес
Објектот за медицински отпад на Здравствен дом во Велес
Фрлен смет на улица „Никола Оровцанец“ и покрај табла со предупредување