Велешани традиционално пита пастрмалиа јаделе од крајот на ноември до Чист Понеделник а потоа само посна со сусам
Велешката пита пастрмалиа , според пишани документи, е најстара во Република Македонија. Велешани се горди што познатите фурнаџии први ја направиле питата уште за време на турското владеење, некаде околу 18 век. Првата пастрмалиа била направена од тесто, а „зaирето“ внатре било само од пастрма. Тие што ја јаделе, поради нејзиниот солен вкус, пиеле и доста вино и тоа црно и комињак. Како минувале годините така покрај пастрма во питите се ставало свинско месо и јајца. Велешката пита подоцна почнале да ја прават и штипjани, неготинчани, радовишани, кратовчани.
Сепак, малкумина во денешен Велес знаат од кога до кога во годината се прави и се јаде питата пастрмалиа. Порталот Дума во разговор со познатиот фурнаџија и голем мајстор на пити Ѓорѓи Митков го дозна и овој податок.
„Од дедо и предедо во Велес питите почнувале да се прават од крајот на ноември па се до Чисти понеделник. Во фурните на Којник, Мегдан, Бричкова, Маалска, Варналиите, Читкушева, Дворови, Долни Дуќани, Под Теќе и на други места се чекало со часови за пастрмалиа. Секој од дома си го носел „заире“ и јајца, а тестото и свинската маст, која се ставала во „заирето“ и со која, за да биде мека, како душа, се премачкувале тестените краишта на питата. После Прочка, од Чисти понеделник, од кога започнуваaт Велигденските пости, сите фурнаџии правеле пити само од тесто, а наместо месо и јајца во средината на питата ставале само сусам со неколку капки зејтин. Така велешани на Чисти понеделник јаделе посни пити“, ни рече мајстор Ѓорѓи Митков.
Сепак, оваа традиција, денес велешани не ја почитуваат. Пити се прават и гостираат и пред крајот на ноември, а и после Чисти понеделник. /С.А.