Во Велес, поетот и понатаму можеби ја гледа својата муза
„Судбина било. Тој пред многу години секој ден ме чекал кај галаријата на Мало мовче за да ме гледа како одам на училиште. Не велам дека кришум не сум го забележала, не велам ниту дека тоа што некое момче ме гледа не ми годело но, ниту тој ниту јас не си го слушнавме гласот. Години и години тоа ме болеше. Ме сакал без јас да знам. Ми пишуваше картички. Напишаните зборови ме галеа. Другарките ми завидуваа. И името мое го зел како свое!“, со тивок растреперен глас ни рече тетка Раца Ѓоргова, музата на големиот Кочо Солев Рацин, додека го снимавме документарниот телевизиски филм за неа.
Седевме во нејзината соба, во убавата куќа на Ѓоргови, што се наоѓа на плоштадот на главната улица во Велес. Тетка Раца, на убавата стара фотелја, седеше до прозорецот од каде како на дланка, се гледаше споменикот на Кочо. Долго не го тргаше погледот од споменикот што градот избра да го постави во строгиот центар. Коинциденција или нешто друго?
Споменикот на Кочо Солев Рацин во центарот на Велес
„Што да кажам. Судбина било. Тој тогаш да ме гледал мене, а јас сега него. И повторно глас не си слушаме. Нели сето тоа е чудно. Времето како да се повторува. Незнам зошто кога седам до прозорецов и кога го гледам чувствувам некоја блажина на душата. Со часови седам и не чувствувам потреба да го тргнам погледот од него. Од длабочината на мојата душа имам почит кон тој голем човек. А тој молчи. Но знам дека повторно кришум ме гледа. Те молам сето ова немој сега да го пишуваш. Напиши го кога јас повеќе нема да бидам дел од овој свет. Кога повеќе мене ќе ме нема,“ рече тетка Раца.
Ние завршивме со снимањето на телевизискиот материјал. Се збогувавме а неа ја оставивме и понатаму да седи до прозорецот и да го гледа поетот. На збогување се поздрави и со мајчински топол глас не испрати.
Раца Фирфова Ѓоргова од времето кога била муза на поетот Кочо Рацин
И го исполнувам ветувањето на плавокосата муза на Кочо Рацин, тетка Раца Фирфова Ѓоргова. Нејзините зборови ги објавувам точно после осумнаесет години откако засекогаш го напушти овој свет. Раца Ѓоргова почина во 2000 година. И таа си замина тивко.
Куќата на Ѓоргови, со жолта фасада на левата страна на фотографијата наспроти споменикот на Кочо Рацин на десната страна
А Рацин можеби и понатаму го бара нејзиниот лик на прозорец што од поставеното спомен обележје веднаш од другата страна на улицата директно гледа кон куќата на Ѓоргови.
Стоилко Андреевски