(ФОТО) Полна сала со хумани луѓе на одбележувањето на 17 Март, денот на Црвениот Крст и на крводарителството во Велес
Ланската е уште една успешна година на планот на крводарувањето во Општините Велес, Чашка и Градско. Вклучувајќи се во крводарителските акции хуманите граѓани собрале вкупно 4.110 крвни единици или двојно повеќе од предвидениот годишен план што изразено во проценти изнесува точно 220,84%. Она што особено радува е фактот што како крводарители во се поголем број ги има жените кои минатата година дарувале вкупно 804 крвни единици што пресметано во проценти изнесува 19,56%. Човечката доблест да се спаси нечиј живот со дарувана крв ја покажуваат и се поголем број на млади луѓе. Лани токму 577 младинци на возраст до 30 години ја подале својата рака и дариле крв што изразено во проценти изнесува 67,според евиденцијата на велешката Служба за Трансфузиологија и на Црвениот Крст.
Овие бројки кои говорат за хуманата димензија на животот беа соопштени на свеченоста што по повод 17 март, денот на Црвениот Крст и на крводарителството се одржа во Велес и на која на најхуманите велешани, со остварени 50, 75 и 100 крводарувања им беа доделени признанија.
Тоа се граѓаните Димче Арсов, Звонко Карталов и Петре Митревски кои по 100 пати дарувале крв. Нивната несебичност заслужува голем респект и почитување од страна на сите граѓани во државата кои можеби само еднаш имале потреба од крв а токму капките кои преку системот за инфузија течеле во нивните тела, во моментите кога болеста или повредите во несреќите ги приковале за болничкиот кревет, ќе ги поттикнат да донесат одлука за несебично подарување на својата рака и дарување на крв.
Кога се сублимираат резултати кои покажуваат ваква големина и човечност тогаш повеќе од јасно е дека урбани или рурални херои се и граѓаните со остварени 75 пати дарувана крв. А токму такви се и Даниел Митев и Слободанчо Петрушев и Тодор Хаџиристов.
Нив ги следат и граѓаните кои дарувале 50 пати крв како што се Ангелче Петровски, Виктор Јамалов, Горан Трајковски, Ѓоре Петков, Игор Николовски, Илија Станков, Ифтим Ангелов, Костадин Саздов, Небојша Ивковиќ и Тони Игневски.
Меѓу наградените за особен придонес во унапредувањето и омасовувањето на крводарителството годинава благодарници добија претпријатието „Брако“, ООУ „Блаже Конески“, населба Градско и велешанката Елизабета Николовска.
Благодарност за хуманоста на овие и сите останати граѓани кои живеат во трите општини, на членовите или волонтерите на Црвен Крст, на вработените во трансфузиолошката служба како и за поддршката од сите институции и претпријатија во трите локални заедници во изминатите 40 години во кој велешкиот Црвен Крст редовно е меѓу најуспешните три организации на државно ниво поточно веднаш зад општинската организација на скопската Општина Центар искажа и Претседателот д-р Милчо Трајков.
На свеченоста исто така резултатите на комисијата за унапредување на крводарителството ги соопшти д-р Славе Јорданов кој констатираше дека трите Општини Велес, Чашка и Градско имаат на што да бидат горди.
– За долгогодишната традиција на најхуманиот чин на нашите сограѓани зборуваат и самоиницијативните дарувања во нашето одделение. Две третини, или 2711 единици од вкупниот број дарувања се земени од дарители – невработени, ученици, студенти, припадници на АРМ, МВР или вработени во корпоративниот сектор, кои самостојно, без повик, дошле во нашите простории да дадат дел од својата драгоцена течност и да спасат нечиј живот. Во организација на Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина,минатата година,организирани се 29 крводарителски акции на кои се собрани 1311 крвни единици. Посебно за одбележување се за прв пат успешно организираните крводарител-ски акции во основните училишта „Васил Главинов“, „Свети Кирил и Методиј“ и „Маца Овчарова“, а ми преставува задо-волство да ги поздравам и организаторите на крводарителските акции во Населба Градско и општинското основно училиште “Блаже Конески“ кои постигнаа рекордни бројки во минатата година, рече д-р Јорданов.
На свеченоста посакувајќи му успех , во наредниот периот, како што тоа го прави и досега Црвениот Крст, Градоначалникот на Велес Аце Коцевски рече:
– Во ова денешно време невреме кога многу морални вредности се во криза навистина е голема чест што ја имаме Општинската организација на Црвен Крст затоа што таа ни остана како една од ретките институции со која како велешани можеме да се гордееме на државно ниво па и пошироко. Затоа сакам да им упатам искрена благодарност за хуманоста за тоа што го прават за тоа што поттикнуваат убави чувства и стремежи кај најмладите, да го извлечат најдоброто од нив, хуманоста, да бидат човечни или нешто што е најблагодарно меѓу човечкиот род.
Во програмата на одбележувањето на денот на Црвениот Крст и на крводарувањето учествуваа и учениците годинешни добитници на наградите од распишаниот литературен конкурс, од Основното музичко училиште „Стеван Гајдов“ како и децата од градинката „Димче Мирчев“ и средношколци./У.Ј