Преку маалото Чингење велешките арабаџии стигнувале од центарот на стар Велес преку Којник до Мегдан
Малкумина во Велес знаат дека најкрајниот дел на десната страна на стар Велес, веднаш до поранешната стара касарна и под Болницата, се вика Чингење. Местото го добило името по сопственикот на последната куќа, земјоделецот Ѓошо. На Ѓошо и неговата жена Ружа презимето им било Чингерови. Од каде го добиле тој не дознавме. Покрај куќата на Ѓошо водел земјен а подоцна и калдрмисан пат по кој арабаџиските коли како единствен превоз превезувале дрва, тули, камен, песок и друго до Којник, Бузаана, Бричкова, Прчиева чешма па и до Мегдан.
На местото на оваа куќа во стар Велес се наоѓаше домот на Чингарови
Подоцна околу куќата на Чингарот се создало цело маало наречено Чингарово кое денес се протега од глваната улица, кај Офицерски дом па се до под Којник.
Првата куќа на улицата била на Коле и Вида Шиколе. До неа живеело семејството на познатиот фризер Орце со сопругата Грозда Драскачови и со ќерките Лилјана и Дорка, а до нив Стеван и Вера Мартулкови, па домот на неговиот брат Бошко и Љуба Мартулкови со синовите Здраве и Љупчо. Во сокакот живеело и познатото земјоделско семејство на Коле и Велика Шандупови со синот Драган и ќерките Коца и Лила, а над нив бил домот на познатиот пајтонџија Благој со сопругата Лилјана Драскачови и нивниот син Добре. Во маалото живееле и Ефрем со сопругата Васа и синот Славе. Таму живеела и Родна Пантовица со ќерката Деса. Над Драскачови живеело семејството Ракови. Трајко Раков со сопругата, со синот Кире и ќерката, потоа братму Душан со двата сина и Вера Ракова, партизанка и учесник во НОВ. До нив и денеска се наоѓа куќата на Боре и Вера Зафирови. Боре има два сина. Веднаш до нив е куќата на Славе Струменов со синовите Мето и Петре и ќерката а потоа домот на Фита и Стојан кои исто така имале само една ќерка.
Од другата страна на долот се наоѓа куќата на Трајко Шојлев, со прекар Дуби, со синовите Делчо, Коце и ќерката Наталија, а над нив живе неговиот брат Димче Шојлев, со прекар Чемата со синот Благој. Во овој дел живеат и Борис и Лена Атанасови со синовите Зоран, Диме и Златко, потоа Атанас и Зора Јованови со синот Ангел и ќерката Александра, а под нив се наоѓа куќата на арабаџијата Стојан и Цвета Кузеви со синовите Панче и Ристе. Во правец на главната улица се наоѓала куќата на Ордан и Мара со синовите Коле и Трајче. Тие имале и три ќерки. На самиот брег е куќата на Тоше и Драгица Димови со синовите Трајче и Лазе па на Данаил, чие презиме не го дознавме како и имињата на двете ќерки, додека под нивната куќа свој дом имал терзијата Цветан и Марионка со синот. Марионка била позната учителка во училиштето во Чашка а потоа и во Велес. Под нив била куќата на Ѓошо и Цанда Темелкови со ќерката Вера, сопруга на Диме, познат велешки шахист и спортски работник кој живеел со семејството на сопругата. Вера и Диме имале пет сина Петре, Златко, Ѓоре, Благој и Трајче и една ќерка, Милка. Под нив живеел Ордан Грнчарот со прекар Ќосето, со својата сопруга Петрана и синот Мите, потоа Коле Саздов со семејството, па брат му Саздо Саздов , наставникот по физичко со синот Македон, па Наце молерот кој имал син и ќерка, а до нив дом имала и Лила цвеќарката со синот Миле и ќерката Дена. Во ова маало свој дом изградиле и Ацо Темелков со семејството, Душан и Маца Темелкови со ќерката Марионка, а под ќирија живеело и семејството Шамбилови со синовите Коло Мето. До куќата на баба Фила живеел Петре Алчев, првиот претседател на Велес за време на стара Југославија, поточно во времето на СХС, со сопругата и со синовите Кочо и Благој. Еден од нив бил пилот. До нивниот дом живеело семејството на Коле Караџов.
Горен дел од маалото
Од спротивната страна на овој дел од маалото се наоѓала куќата на познатите велешки земјоделци или чивчии Славе и Деница Јаневи со прекар Шандупови, со децата Љубе, поранешен генерален директор на „Мак Петрол“, потоа Петре и Благој, а под нив живеела Родна Бацевица со синот Коле.
Во предниот дел на маалото се наоѓале ковачниците на Ганчо ковачот, на Сокол Клинчаров и на Пано Штркот. Во почетокот на маалото, во правец на денешната зграда на Поштата, живеело семејството на Богде и Љубе Даеви па на Ангел и Веса Кирови со синовите Орце и Дачо и ќерката Менка. До нив, во истото маало н во правец кон зградата на Здравствениот дом кого велешани го нарекуваат Уред живееле Панче и Родна Саздови со три ќерки и синот Момчило, а веднаш до зградата на поранешен Радио Титов Велес и семејството на Дражо Андов со синовите Љубе и Милорад.
Му благодариме на познатиот терзија Благој Јанев со прекар Шандуп што ни помогна да ги забележиме старите семејства од маалото „Чингење“. За некои семејства не можеше да се сети ни тој ниту денешните жители во овој дел на Велес. И покрај нецелосните податоците за граѓаните кои имаат имиња а недостасуваат презимиња или можеби доболен број на информации поврзани со нивните деца сепак одлучивме да го објавиме овој текс и да продолжиме да доистражуваме. Секако од полза ке бидат сите дополнителни информации на читателите од кои очекуваме соработка со тоа што под објавениот текст на социјалните мрежи ќе покажат интерес од допишување на податоци со кои тие располагаат.
Стоилко Андреевски