Баба Марта го „обра“ овошјето
Снегот и ниските температури во велешко, невообичајни за овој дел од годината, предизвикаа огромна штета на рацутените бадеми, кајсии, сливи, рани сорти на круши и други овошни насади.
„Покрај тоа што родот кај овошките ќе биде измрзнат, особено кај оние прецветените и со веќе оформен плод, ниските температури штета ќе направат и кај лозјата. Топлите денови во почетокот на март предизвикаа порано да се разбудат лозовите папки и да оформат млади ластари кој сега не можат да опстанат од ниските температури. Најпогодени се раните сорти на лозови насади, рече агрономот Никола Петров.
Цветовите на бадемите на кајсиите, сливите и другите овошки утринава беа покриени со снег. Ниските температури ги овенаа цветовите и го уништија родот.
„Цветот е поотпорен на ниски температури отколку веќе заврзаниот плод. Цветот може да опстои и на температура од минус три до минус пет степени, додека плодот, поради присуството на вода во него, измрзнува на еден до два степена под нулата. Ниските температури ги замрзнаа. За жал оваа година ќе останеме без кајсии, бадеми, сливи, круши, а се разбира и родот кај лозјата ќе биде намален“, сметаат сопствениците на земјоделските аптеки во градот.
Тоа значи дека годинава баба Марта предвреме го собра родот на овошните насади што не е првпат и дека доколку се спаси дел од површините тогаш цената на кајсиите, сливите и другите овошки ќе биде висока. /С.А.