Стојанова Богоевска: Општинскиот просветен инспектор и ОЈО Велес да постапат по допрен глас за нови сомнежи и можни злоупотреби во велешките училишта
Советничката група на СДСМ и коалицијатa во Општина Велес денеска на прес конференција откри нови сомнежи за недомаќинско трошење на средства на граѓаните на Велес од страна на поранешната локална власт и јавно го повика по нив да постапи општинскиот просветен инспекторат додека Основното Јавно Обвинителство во Велес по допрен глас да поведе предистражна постапка за утврдување на можни злоупотреби.
Според координаторката на оваа советничка група Весна Стојанова Богоевска по деталните анализи, што како советничкото мнозинство ги направило во изминатиот период, дошле до сознанија за незаконско издавање на простор од страна на раководниот орган на училиштето „Рајко Жинзифов“ од село Горно Оризари во периодот од 2014 година. Тогаш без Одлука на Советот на Општина Велес директорот ја изнајмил старата училишна зграда на приватна фирма и подарил мебел како и друг инвентар на друга институција, со што според нив сторил свесно кршење на законите.
– Од тогаш до сега од страна на претходната власт во општината не е превземена никаква мерка со цел да се санкционира ова недомаќинско однесување и раководење. Имаме информации дека некои училишта собирале пари за екскурзии на рака, што е исто така незаконски затоа што средствата за екскурзии треба да се уплаќаат на жиро-сметка, никако на рака, со цел да се спречат можни злоупотреби, рече Стојанова Богоевска.
Според неа посебен проблем преставува и делењето дневници за воншколски активности.
– Врз основа на извештајот на едно училиште, за договорни услуги и дневен надомест се платени 391.348 денари, што преставуваат 217 дневници. Имаме сознанија дека дел од овие активности во проекти се реализирани за време на наставата, а со тоа се пропуштани редовните наставни часови. Зошто е ова дозволувано досега ,треба да одговори oпштинскиот просветен инспектор. Сакаме да кажеме дека ние како советници се гордееме со нашите училишта, наставници и ученици, но начинот на кој се воделе и менаџирале училиштата е посебно прашање, рече Стојанова Богоевска.
Таа најави дека и во иднина советничкото мнозинство во локалната власт ќе биде исто така критички настроено и кон работата на директорите кои тие ги поддржале или назначиле како раководители на училишта или установи под надлешност на општината. /У.Ј