29 првократни дарители на крв во денешната акција во средното хемиско училиште во Велес
Четириесет и пет крвни единици се собрани во денешната крводарителска акција што заедно ја организираа велешкиот Црвен Крст и Одделението за Трансфузиологија во Болницата во ОСУ „Димитрија Чуповски“ во Велес . Од нив 29 се на млади крводарители кои за прв пат ја подадоа својата рака и доброволно даруваа крв. Тоа значи дека најхуманата организација во своето семејство има нови членови, пред се млади луѓе и претежно ученици во третите класови на средното училиште, што дава надеж дека ќе продолжи хуманоста во градот, рече д-р Кире Лазов од велешкото одделение на Институтот за Трансфузиона медицина.
– Акцијата успешно ја спроведовме и бројката од 29 првократни дарители ми дава за право да бидам задоволен затоа што тие станаа потенцијални дарители на крв. Мислам дека тоа се должи и на новините кои што ги спроведуваме кога е крводарувањето во прашање. Пред да се одржи крводарителската акција јас практикувам едукативен ден во кој ги запознавам потенцијалните крводарители со цел да ги мотивирам. Тоа покажува резултати. Епилог на денешната акција се 45 полни кесиња со крв од скоро сите крвни единици што секако е за поздравување, рече д-р Лазов.
Акцијата траеше четири часа. Учениците доаѓаа, спокојно чекаа ред за потоа да легнат на креветчињата и да дадат крв.
– Денешната крводарителска акција е втора од пролетниот дел. Првата ја реализиравме во средното економско училиште „Јовче Тесличков“. Ни преостануваат уште две што треба да ги реализираме во Гимназијата „Кочо Рацин“ и во ОССУ „Коле Неделковски“. Црвениот Крст е апсолутно многу задоволен од одзивот на младите во градот.Во суштина тие влегуваат во категоријата првократни дарители што изразено во проценти, на годишно ниво, изнесува од 70% до 80%. Со нив паралелно работат наши волонтери кои заедно со докторот се мотиватори на начин што пред да ја организираме акцијата вообичаено ги посетуваат училиштата, разговара со учениците што покажале интерес за крводарување, ги информираат дека треба да бидат јадени и да имаат испиено доволна количина на течности, рече Миле Маџаров секретар на Општинската организација на Црвен Крст Велес .
Од почетокот на годината во Велес се спроведени осум крводарителски акции. Ќе следат и нови кои ќе бидат усогласени според потребите од крвни единици на скопските клиники, одделенијата на велешката Болница и Годишната Програма за крводарување на ОО на Црвен Крст во Велес. Во градот, покрај двете во преостанатите две средни училишта во план е организирање на трета, голема или помасовна, во која ќе учествуваат граѓаните. Масовната крводарителска акција ќе се одржи во холот на велешки театар а потоа ќе бидат реализирани уште неколку во фирмите и една акција во Општина Градско./У.Ј