Повторно поместен рокот за расчистување на одронот под карпата „Цуцка“ крај Велес
Mинерите на „Гранит“ нема да го дробат одронот под карпата „Цуцка“ викендов на 31 март и 1 април. Ако дојдат во Велес тие ќе можат само да ги бушат сронетите карпи и во нив да го поставуваат експлозивот. Минирањето ќе се случи во понеделник, на 2 април. Ова е последната информација од ЈП за патишта иако вчера соопштија дека одронот ќе може да се решава од денеска или започнувајќи од утре. Тоа значи дека јужниот излез од градот преку регионалниот пат Велес – Градско,останува затрупан и викендов, или цели седумнаесет дена.
Денеска се решавал начинот како да се пренесе експлозивот од Скопје до Велес. Се обезбедила дозволата. А кога се договориле количината и начинот на транспорт на потребниот експлозив од страна на ЈП „Македонски железници “ добиле одговор дека за сообраќањето на возовите како и исклучувањето од електричен напон на жиците со струја над пругата Скопје – Гевгелија можеби ќе потврдат во понеделник, на 2 април. Но и тоа е неизвесно бидејќи засега ЈП за патишта нема писмено одобрување од ЈП „Македонски железници..
А тој писмен документ или одобрување им е потребен на сите велешани и особено на неколку семејства кои живеат во куќите покрај пругата, крај вливот на реката Тополка во Вардар и на едно претпријатие, фабриката за обработка на крзно и кожа „Димко Митрев“.
Домовите на граѓаните се наоѓаат педесеттина а фабриката на околу триста метри после одронот кога се доаѓа од правец на градот.
Во изминатите седумнаесет дена особено граѓаните кои се сопственици на куќите постојано реагираат и бараат одронот да се расчисти за тие да го користат пократкиот пат до своите домови наместо да заобиколуваат десеттината километри и да возат по автопатот Велес – Градско за да се исклучат кај мотел „Македонија“ и до дома да стигнат по истиот регионален пат но од јужната страна.
– Тоа се цели кругови, што секојдневно ги вртиме најмалку два пати во денот. Одронетата карпа и блокадата на патот е на педесеттина метри северно од нашите куќи. Кој нам ќе ни го плати секојдневниот потрошен бензин и време?, пишуваат овие граѓани на социјалните мрежи. /У.Ј