Китанов: Започнавме со расчистување на одронот под „Цуцка“,наместо минирање употребивме метода ,,компресија“ и за пет до шест часа карпите сами ќе се распаднат
Звук на дупчалка одекнуваше денеска во близина на велешката населба „Долни Дуќани“ штом се приближите по патот што води пoд карпата „Цуцка“ на јужниот излез на Велес.
Пред црвената лента и поставени знаци за забрането минување по регионалниот пат Велес – Градско попречно беше паркирано службено возило на фирмата Гранит.
Покрај ивицата на патот, од страната на железничката линија Скопје – Гевгелија, стоеја други возила, комбе и камион на АМСМ. Сето ова укажуваше дека започнале работите за отстранување на карпите свлечени од „Цуцка“ долу на патот.
Каблите од машината компресор беа качени горе на карпата каде двајца работници со дупчалки во раце ги бушеа преостанатите надвиснати карпести делови над патот. Уште неколкумина работници стоеја долу и ги очекуваа наредбите одозгора кога да се вклучи и кога да се исклучи компресорот. Тие не сакаа да дадат изјави. Не упатија да ги побараме од двајцата претставници на „Гранит“ и „Геотехна“ кои потпрени на оградата на патот, над железничката пруга, одоздола следеа што се случува со бушењата горе на врвот на „Цуцка“. Одмавнаа со рака што значење дека не сакаат да дадат изјава кога довикувајќи го поставивме прашањето: „Што се случува, започна ли расчистувањето на одронот?“
Наместо нив на новинарското прашање одговори денеска директорот на ЈП за патишта Зоран Китанов додека траеше увидот над градежните работи на делницата на автопатот Неготино – Демир Капија.
– Во меѓу време во консултации со изведувачот „Гранит“ најдовме и друго решение за овој одрон кој не мора да трпи минирање. Станува збор за друг систем, можеби за нијанса поскап, одлучивме да го искористиме за да го решиме проблемот што им создава проблеми на граѓаните на Велес. Наместо минирање се одлучивме да употребиме метода што се вика ,,компресија“ која овозможува за пет до шест часа карпите сами да се распаднат, рече Китанов.
Тој смета дека постапката наречена,,компресија“ е безбедна. Неа ја следат стручни екипи кои веќе ја примениле на одроните што минатиот месец се појавиле на патната делница кон Делчево. Одговорајќи на новинарското прашање, ако се има во предвид дека одронот од „Цуцка“ се случи на 13 март а расчистувањето на карпестите блокови од регионалниот пат Велес – Градско на 31 март, дали тоа не е предолг временски период директорот на ЈП за патишта рече:
– Многу е лесно да се однесат машинте за да ги истуркаат карпите и патот да го пуштиме во сообраќај. Но за да се направи како што треба потребно е да се направи проект кој ќе прецизира каде и како ќе се буши, како ќе се крши затоа беше потребно трпение за да може изведбените работи да се организираат и спроведат согласно законските прописи и стандарди или тоа што е најзначајно крајот да понуди безбедност на граѓаните кои ќе треба да го користат патот откако ќе биде расчистен, рече Китанов.
Според него по патот веќе од утре ќе може да се одвива сообраќај./У.Ј