Родители,баби и дедовци бараат велешката градинка да ги врати на работа старите негувателки на нивните деца и внуци
Група на родители, баби и дедовци чии деца и внуци се згрижени во клонот четири и пет на општинската детска градинка „Димче Мирчев“ во Велес денеска одржаа прес конференција на која рекоа дека протестираат против одлуката на директорката Бранислава Нацева да ги промени старите со нови воспитувачки и негователки во клоновите четири, во населбата “Тунел“ и пет, во близина на градското пазариште кои функционираат во состав на општинската детска градинка.
Еден дедо на протестот зборуваше дека на местото на отпуштените воспитувачки и негувателки, во еден од клоновите два и три, била примена неговата сестра која немала соодветно образование за да може да ги образува и да се грижи за неговите две внучиња кои посетуваат градинка.
Одлуката на директорката на велешката градинка да отпушти негователка кон која се привзало нејзиното дете и на нејзино место да прими нова без консултација со родителите е нелогична за мајка на дете кое било згрижено во клонот четири.
– Имаме проблем со смената на негователката, во групата во која е згрижено моето дете. Таа е сменета без никаква причина односно без никаква жалба и поплака од нас родителите кон нејзе и кон градинката. Затоа бараме да ни се врати старата негувателка бидејќи сметаме дека победничкиот тим не треба да се менува. Веќе две години таа одлично ја води групата и не гледаме причина зошто сега треба да се смени поточно да дојде нова негователка на нејзино место. Таа е сменета пред скоро два месеци, рече мајка на згрижено дете.
– Нашите деца сега се оставени само на воспитувачката. Што не е нормално бидејќи 36 деца да се оставенат на една личност не е нормално кога ние дома не можеме да се справиме со две или три деца. Тоа е надвор од сите стандарди. Имаме поднесено преставка до директорката и до Градоначалникот. Сите се запознати со нашиот проблем и сметам дека треба да се реагира затоа што ние сме родители и си ги бараме нашите права поточно си ги заштитуваме нашите деца. И не гледаме потреба од партиски или било какви други вработувања. На местото на негователката сега доаѓа сосема друго лице кое претходно работело нешто друго. Ние немаме ништо против новата ама сакаме да си ја вратиме старата негувателка затоа што супер си функционираа и беа супер тим, рече мајка на дете кое е згрижено во клонот број четири во населбата Тунел.
Тие исто така соопштија дека постојано се менувале негувателки и воспитувачки во претходниот период, поточно во времетраење од шест месеци па се до осум години.
Директорката Бранислава Нацева не ги коментираше прозивките на родителите за враќање на работа на отпуштените две негувателки но, одговори на новинарските прашања кои се однесуваа на бројот на деца од кои се состојат групите во шесте клона на детската градинка „Димче Мирчев“.
– Ние сме професионалци и знаеме дека е тешко да се работи со група што е составена од 32 до 36 деца откако побаравме и од општината добивме одобрување. Значи сме постапиле согласно закон. Притоа додека од една страна сме одговориле на големиот интерес на нашите сограѓани, поточно родители заинтересирани нивните деца да бидат згрижени во еден од шесте клона на општинската градинка од друга страна со Градоначалникот сме разговарале и за решенија што треба да одговараат на реалната потреба од места за прифаќање на заинтересирани нови деца за престој во градинка во градот. Во моментов во административните служби на нашата установа има најмалку педесет поднесени барања од страна на родители за запишување на нови деца во градинката. Затоа вие од Градоначалникот ја слушнавте идеата за пренамена и преадаптација на дел од просторот во поранешното ООУ „Јордан ХК Џинот“ каде ќе се отвори нов клон на детска градинка. Сето тоа зборува за нашата посветеност да го решиме проблемот со преголемиот број во групите во кои учествуваат запишаните деца за кои ние се грижиме во моментов и нема никакви проблеми во ниту еден од постоечките шест клона. Притоа бараме решение со кое ќе дадеме можност за формирање и на нов, седми клон за да одговориме позитивно на барањата на родителите чии деца сега чекаат за да бидат примени во градинка во Велес, рече Нацева.
Инаку реакциите на овие родители, баби и дедовци доаѓаат откако велешката градинка, која функционира со шест клона, не им ги продолжувала времените договори за работа на негувателки, воспитувачки и технички персонал туку тие работеле од година ипол па се до десет години со еден или два потпишани договори. Дел од нив не ни потпишувале продолжување на договори затоа што старата локална власт им велела дека тоа право го стекнувале по автоматизам додека сега, новата локална власт смета дека за работните места ќе треба да се пријават на распишан оглас./У.Ј