Автомобил удри и повреди жена на улицата „Благој Ѓорев“ во Велес
Сообраќајната несреќа се случила околу 11 часот и 30 минути пладнво пред продавницата „Баку“ на главната градска улица. Таму додека шеесет годишната велешанка М.Л го направила првиот чекор од тротоарот на пешачкиот премин на коловозот на улицата во неа удрил патнички автомобил марка „Фолксваген голф“ со велешки регистарски таблици управуван од дваесет и осум годишниот велешанец А.С. Веднаш била повикана итната медицинска помош која интервенирала и дала прва медицинска помош на повредениот пешак, рече дежурната лекарка д-р Тања Сарагинов.
– Стануваше збор за пациентка на шеесетгодишна возраст со иницијали М.Л, пешак повредена од автомобил во движење. Таа се жалеше на болки во десна надлактица, во предел на десен дел од рамен појас и во пределот на главата поточно околу десното око, рече д-р Сарагинов.
По укажаната прва медицинска помош шеесет годишната жена била транспортирана на одделението за Tрауматологија во велешката Болница.
– Пациентката е примена на одделението и веднаш прегледана од специјалист по Трауматологија. Неа на барање на лекарот веднаш и се направени ренгенолошки прегледи и снимки на главата и во пределот на рамењата. По извршените снимања пациентката била сместена на одделението за Трауматологија а по околу два часа од пристигнатите резултати и констатирани полесни повреди специјалистот одлучил да ја пушти на домашно лекување со напомена дека доколку и е потребна дополнителна помош може повторно да се врати во болницата во Велес, рече Марина Андова лице за односи со јавност на ЈЗО „Општа Болница Велес“.
На местото на случената сообраќајна несреќа увид направила екипа на СВР Велес.
Според информации на сведоци кои биле на местото на сообраќајката жената била удрена од автомобилот веднаш штом излегла од продавницата и го направила првиот чекор од тротоарот на пешачкиот премин. Таму, во близина била и полициска екипа, која реагирала веднаш со тоа што му наредила на возачот да излезе од автомобилот со кој била удрена жената за потоа да го однесе и во полициската станица на СВР Велес./У.Ј