Еснафот на ковачите и металците бил најброен во стар Велес
Велес во минатото, посебно од крајот на 18 се до средината на 20 век , бил еден од најразвиените занаетчиски и трговски центри на Македонија. Во овој период немало занает што не постоел во Велес. И ако во секое маало во градот имало фурна во старата велешка чаршија биле дуќаните на ковачите, калајџиите, терзиите, леблебиџиите, сарачите, берберите и работилници на другите занаетчии во градот. Постојат искази на граѓани според кои во еден период Велес имал над илјада занаетчии.
Тие биле организирани во еснафски здруженија. Во нив членувале пекари, бербери, ковачи и производители на метал, леблебиџии, самарџии, терзиите, кројачи, шивачи, калајџии а свој еснаф имале дури и пајтонџии. Секој еснаф имал свој патрон, светец, кого го славеле и почитувале. Занаетчиите на денот на патронот не работеле. Нивните дуќани или занаетчски работилници биле затворени затоа што на денот на светецот, нивниот заштитник, традиционално облечени во свечена облека оделе во манастирот „Свети Димитрија“ за свештениците да одржат литургија и потоа да се соберат во манастирските простории каде што започнувала прославата со заеднички ручек, со песна и музика. Секоја година средбата имала свој кум задолжен за подготовка и реализација.
Меѓу најбројните во еснафското здружение биле ковачите и сите останати занаетчии што од метал произведувале разни производи.
На пример ако грнчарите го славеле 1 јануари како свој ден, ковачите славеле, секоја година на 14 јануари.
Познатиот велешки клучар Панче Ајдаров добро се сеќава на прославите на 14 јануари во периодот кога во манастирот „Свети Димитрија“ се собирале повеќе од двеста мајстори, калфи и чираци. Потоа со развојот на технологијата многу дуќани почнале да се затвораат, процесот на отворање на фабрики во градот дал можност многу занаетчии да бидат примени на работа а тоа значело осипување на металскиот занаетчиски еснаф. Сега во Велес има околу педесеттина занаетчии кои работат или преработуваат метал.
На фотографијата пред Манастирот „Свети Димитрија“, фотографирана на 14 јануари во 2010 година, присуствувале шеесетина занаетчии од овој еснаф, најголем број од нив се механичари, лимари додека во помал број се ковачи, налбати, тенекиџии и други.
Фотографиите од останатите еснафи и занаетчии, како фурнаџиите, касапите, терзиите и останатите во наредни текстови посветени за нив.
Стоилко Андреевски