Како Велешани го славеле празникот Велигден
Велигден е еден од најголемите христијански празници и е значаен поради верувањето дека Исус Христос, синот божји, на себе ги превзел сите човекови голготи и страдања за да може луѓето да ја почувствуваат големината на Тројството – таткото , синот и светиот дух. Велешани одамна покажале дека се верници и веруваат во христијанските вредности, посебно кога се во прашање големите христијански празници.
Старите кажувале дека одамна, откога било изградено Мало Мовче, пазарот за јајца бил веднаш до него. Кога доаѓал Велигден , овој дел на пазарот „вриел“ од граѓани а понудата на јајца одеднаш се зголемувала. Имено , селаните од велешките села масовно носеле природни јајца на пазарот и го држеле „монополот“. Велешките трговци го знаеле тоа, па на секој начин настојувале да не им дозволат на селските трговци да стигнат на пазарот.
Постојат приказни и анегдоти кои шегобијно се прераскажуваат за тоа дека некои трговци им плаќале на групи деца како случајно требале да ги пречекаат „јајчарите“ и со камења да им ги искршат јајцата. Ако случајно не успевале во „играта“ тогаш се поставувале луѓе на влезовите во Велес кои давале понуди за откуп на големо, се разбира за помалку пари!
Исто така на пазарот шетале и граѓани задолжени да им ја пренесат пораката на потенцијалните купувачи велејќи им: „ минатиот пазарен ден од човеков купив јајца, ама беа стари и расипани!“.
И кога продавачи на јајца од селата ќе успееле да ги поминат сите замки, следувло нешто што потоа целата година се прераскажувало како на пазарот така и низ градот. Имено, постоеле граѓани кои носеле со себе „ кружни јамки од тел“ за да ја измерат големината на јајцата. Тие граѓани одбирањето на јајцето го правеле така што тоа требало лесно да помине низ јамката. Ако не поминело го враќале на продавачот. Така нивните купувања траеле се додека не се одберат 50-60 јајца кои одговарале на дадениот обем!
Исто така, пред Велигден, пазарот бил преполн со „бакам“, темно црвена боја за бојадисување на јајца. Тоа се купувало а вештите домаќинки умееле да бојадисаат јајца и со варени лушпи од стар кромид. Рецептот бил едноставен затоа што прво во тенџерето се вареле лушпите а потоа во процедената вода ги вареле јајцата кои добивале златно жолта боја.
Тогаш домаќинките не ги шареле, како денес, велигденските јајца туку ги бојадисувале исклучиво со црвена боја што се добивала од бакамот и тоа оставајќи го цела ноќ во средата да откисне во вода за рано наутро, пред изгрејсонце, на „Велики четврток“ во него да ги вапцаат претходно сварените јајца. Првото бојадисано јајце се чувало во домот со намера да спречи да заврне град откако тоа јајце се тркалало низ домот и низ дворот за да се одоброволи Господ да не го уништи земјоделскиот род. исто така со едно од бојадисаните јајца се капеле и децата во домот. И тоа со едно црвено, со едно бело јајце и со зелени листови, за здравје.
На „Велики петок“ граѓаните оделе во црква за да остават јајца. Тогаш и децата и возрасните се спровирале под масата со иконата на Исус Хростос, за здравје.
На „Велика сабота“ , пред полноќ, се одело во црква со велигденско јајце. На полноќ граѓаните чекале да се објави воскресението Исусово кога тие се кршеле со велигденските јајца. Секоја домаќинка си носела од дома посебно платнено торбуле , во кое се собирале лушпите од јајцето, а по завршувњето на црковната свеченост се одело до Вардар, најчесто на Мало мовче и лушпите се фрлале во реката Вардар , како верување дека годината ќе помине без болви, вошки и други штетници во куќата !
Денот „Велика недела“ започнувал со причест од свештениците што го земале граѓаните кои претходно постеле 40 дена за потоа по враќањето од црква започнувал семејниот свечен ручек со печено јагнешко, „елбсан тава“, чкето, кукурек или некое друго јадење приготвено од јагнешко месо. На трпезата семејството пред да го започне ручекот прво меѓу себе се кршеле со велигденските јајца за потоа да си кажат благословувања.
Спротивно од советите на свештениците граѓаните на Велигден, по симнувањето од црквите, ги посетувале и гробишта каде биле закопани упокоените членови на семејствата. Тие таму палеле свеќи и оставале велигденски јајца.
По семејниот свечен ручек поточно во попладневните часови на „Велика недела“ започнувале одењата на гости. И тоа прво кај кумот кому му се носел „пармак“ и онолку велигденски јајца колку што броело неговото семејство. „Пармакот„ е еден вид погача, посебно украсена за која домаќинките и фурнаџиите се натпреварувале кој од нив ќе направи поубав и поголем „пармак“.
Овој обичај со носење на „пармак“ до ден денеска постои само во Велес.
Исто така домаќинките подготвувале и „наутлија погача“ од наут или шеќерлеме, суви колачи во разни форми кои ги валкале во шеќер. Се служела и леблебија.
Интересен е фактот што православните велешани им дарувале црвени велигденски јајца и на своите соседи Муслимани, кои пак со радост ги прифаќале и го благословувале денот. Особена чест за муслиманските граѓани преставувала поканата на велигденскиот ручек од страна на соседите Христијани.
Празниците се за празнување и секако за зближување, не само на семејствата туку и со соседите, пријателите и другарите. Затоа овој текст ќе го завршам со еден совет : „Чувајте ги и негувајте ги традициите, тие се нашиот идентитет, нашата гордост, верба и чест.“
Христос воскресна ! Навистина воскресна !! Честит Велигден.
Љупчо Данов