Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Месец април за Велес секогаш претставува потсетување на најтешкиот и мрачен период од поновата историја. Имено, на 6 април 1941 година. Кралството Југославија доживеало концентриран воен напад од страна на Хитлерова Германија, поради одбивањето Југославија да влезе во пактот со силите на Оската.

Нападот и бомбардирањето на Велес започнал во 6.00 часот на 07 април 1941 година. Еве како еден велешанец го доживеал ова априлско утро:
“ Сабајлината беше малку врнежливо,ама потоа се отвори убав и топол сончев пролетен ден. Повеќето жители сеуште не беа разбудени и беа во постела,кога зататнија германските штуки.Тие јуришни авиони беа препознатливи по свиените крила во вид на буквата W и беа опремени со посебни турбини , кои произведуваа јак звук . Нивниот стил на напад беше вертикално спуштање кон целта . Беа опремени со два митролеза и носеа по 6 бомби.“

По првите експлозии на бомбите, се огласиле камбаните на црквите во градот, на Гимназијата и на Градскиот часовник. Нападот бил составен од бранови авиони кои доаѓале од кај Овче Поле и од кај Штип. Започнала да дејствува и против - воздушната одбрана од позиција на црквата „Свети Спас“ потоа од над црквата „Свети Пантелејмон“ и од ридот Вршник. Против - авионски орудија имало поставено во полето кај фабриката за производство на талк, кај мигдалите засадени на ридот Гроот и во низискиот дел на градот поточно во Речани. Најуспешна одбрана дала војската поставена кај црквата „Свети Спас“ која погодила два авиони, од кои едниот морал да се спушти принудно во поле кај Џумајлија , не се знае точната позиција.

Ова се податоци што капетанот на Луфтфафе, Фридрих Енкел ги доставил во Штабот на Армиската група - Е. Тој пишува дека тоа биле незначителни оштетувања и дека никој од пилотите не бил ранет .

Три авиона се намериле на митролеското гнездо кај црквата „Свети Спас“ и тоа набргу било уништено со неколку тешки погодоци, а ниеден од војниците  не се спасил. Според некои податоци на позицијата пред нападот била распоредена една десетина војници. Нивните имиња не се познати, барем за нас , како и местото на погребување.

Градот бил завиткан во густа, темна маглива завеса. Воздухот мрисал на барут и чад, а многу куќи гореле. Во тој напад од воздух имало и урнати куќи во градот, кои биле направени од плитар, други со оштетени ѕидови и покриви. Велес се тресел од експлозиите на бомбите. Некои луѓе започнале да бегаат, бесцелно да лутаат наоколу и станале лесни мети за германските бомби и авиони. Најтешко биле погодени Којник, Бузаана, Мегдан, Сармаале.

Интересно е да се каже дека Германците не ги бомбардирале виталните објекти во градот, како што се мостовите, железницата и патиштата.

Бомбардирањето на Велес траело од 2 до 3 часа. Градот станал пуст. Дел од жителите се криеле во куќите, дел успеале да избегаат надвор од Велес и да спасат глава засолнувајќи се на околните ридови и во градините на месноста Речани. Дел од нив заминале во околните села. Тие што останале дома, скриени во подрумите, визбите и плевните а преживеале, штом завршило бомбардирањето први почнале да ги расчистуваат урнатите куќи, под кои главно се наоѓале загинатите велешани.

Запишаните податоци говорат дека на 7 април 1941 година во Велес биле разрушени околу 200 куќи, а уште толку биле оштетени, распукани или делумно запалени. Тогаш во бомбардирањето на градот загинале граѓаните:

Андова Ката, Брзакова Рајна, Брзаков Ристе, Брзакова Љубенка, Гајдов Коле, Грацковалиева Сутка, Дебарлиев Петре, Демниева Сута, Ѓорчева Благојка (Сиљанова), Ѓорчева Љупка, Ѓорѓиев Тодор, Ѓурѓевиќ Радица, Ингилизова Сава, Јанева Коцка, Јанков Алексо, Марковиќ Цвета, Митев Панче, Мицева Ката, Мицева Аница, Мицев Тодор, Николов Ангел, Најдова Грацковалиева Павлина, Николова Божана, Палашев Аспар, Петрушев Диме, Петрушева Ефка, Петрушев Борче, Поппанчев Никола, Поппанчева Магда, Пупулиев Борис, Ржарова Милка, Ристов Никола, Ристова Пандора, Скубарова Павлина, Софијанова Ленка, Србов Круме, Станков Тодор, Тотх Розалија (Фаркот), Чорева Мица, Чорева Веселинка, Чингаров Васе, Чупчев Тоше, Џампалов Никола.

По бомбардирањето цел ден Германците извидувале и надлетувале со авионите. Вечерта во 19 часот во градот влегле војниците на Извидничкиот баталјон на 73-та пешадиска моторизирана СС дивизија „Адолф Хитлер“. Тие ги завзеле сите стратегиски важни места и објекти како: Железничката станица, Поштата, поставиле митролески гнезда на мостовите, на стратегиските височини, на поголемите раскрсници, на плоштад Сармаале. Веднаш почнале да поставуваат објави и повици до граѓаните во кои ги повикувале на мир, стрпливост и соработка.

За командант и заповедник на град Велес бил поставен капетан Литке, стар околу 35 години, школуван офицер и веке искусен германски војник за вакви ситуации. Тој ги разоружал сите заостанати формации од претходната власт, но повторно ги поставил старите џандари и шпиони на своите работни места , се со цел да обезбеди контрола и ред во градот. Но, се не одело така лесно и на 23 април Литке извршил смена во градската административна власт.

Потоа на 9 и на 14 април, Велес доживеал нови кошмари и ноќни бомбардирања.

На 9 април, бомбардерите на британскиот РАФ го бомбардирале Велес и неговите најзначајни објекти од инфраструктурата како што биле Железничката станица, мостовите и складиштата. Во првото ноќно бомбардирање е разрушена старата зграда на велешката Железничка станица и погодени добар дел од вагоните со германски воен товар.

На 14 април, во ноќните часови, Велес бил бомбардиран од страна на англиските бомбардери. Тогаш биле погодени неколку десетици куќи во населбите Дворови, Којник, Бузаана, Мегдан како и плоштадот Сармаале. Тогаш загинале следниве граѓани :

Андреев Андреа (Тотката), Дениќ Александар, Дениќ Живка, Дениќ Миле, Дениќ Мирјана, Дениќ Светлана, Илиев Славејко ( Тараната), Кожаров Ѓоше, Манев Јован, Минов Анде, Минова Султана, Наков Ордан ( Монце), Накова Марија (Монцева), Наков Крсте, Накова Павлина, Накова Мариче, Наков Томче, Наков Тодор, Радуловиќ Марица, Радуловиќ Радомир, Тодоров Киро и Тодоров Тодор (Тотката).

За второто бомбардирање,на 14 април, германците ги разместиле своите нафтени вагони од Железничката станица до центарот на градот. Истовремено со јаки рефлектори ги осветлиле деловите од градот како Којник, Бузаана, Мегдан како и на спротивната страна па англиските пилоти својот смртоносен товар го истуриле таму. И среќа за градот била што во бомбардирањето не била погодена ниту една цистерна со бензин и нафта бидејќи Велес ќе изгорел до темел, барем во оној простор околу железничката пруга.

Четиринаесет дена подоцна поточно на 28 април, Капетан Литке наредил да започне повторно наставата во училиштата, а германските сили во градот биле целосно резервирани кон месното население, кое се вратило набрзо на редовната земјоделска работа низ нивите во полињата. Паралелно се расчистувале и поправале куќите, се преземале редовни акции за да се спречат евентуални епидемии, запишал во своите белешки што подоцна се публикувани др.Ангел Арсов.

Интересен факт секако е тоа што Германците ни го забраниле ниту ја ограничиле употребата на македонскиот јазик.

Нивните активности биле насочени кон железничката линија и кон патните правци поради транспортот на војниците, оружјето како и нафтените деривати. Штом во Велес пристигнале бугарските воени единици Германците целосно им ја препуштиле месната власт и контролата врз градот, а ги задржале само стратегиските цели.

Вредно е да се напомене дека велешани ги уништиле целокупната архива, полициски досиеја и имотни листови во тогашната зграда на општината и спречиле Германците да имаат увид во досиеата на велешани.

Во белешките пишува дека германската власт на населението му го наложило следново: свештениците биле задолжени бесплатно да ги погребат загинатите во бомбардирањата, секој требало да застане и да се легитимира на повик на германските патроли за да не биде убиен и да го предаде скриеното оружје. За возврат германската власт превзела обврски да обезбедува храна за граѓаните од државните магацини, делела бесплатно брашно на граѓаните и на фурните во Велес и ги санирала водоводот и електичната централа. Исто така власта спречувала пљачкосување на туѓ имот.

И тоа траело се до неделата, на 25 април 1941 година, кога Бугарската фашистичка војска влегла во Велес , предводена од еден полициски вод кој бил поддржан од воена музика. Велес бил окупиран со 800 до1000 бугарски војници и полицајци. Од 26 април бил воведен полициски час и започнала бугарската окупација на градот која траела се до 9 септември 1944 година кога капитулирала фашистичка Бугарија.

Два месеци подоцна поточно на 9 ноември 1944 година Велес партизанските единици на НОВ и ПОЈ го ослободија Велес од фашистичката окупација.

Љупчо Данов

 

Поврзани вести

 

Најново