Жители на две населби во Велес се гушат во прашина од рудник и фабрика за вар а екологистите бараат одговорност за загадувањето
Велешанката Стана Милева живее во велешката населба Тунел на улицата „Живко Фирфов“ која се наоѓа на десеттина метри од фабриката за производсто на вар која има и рудник. Таа е само една од повеќето граѓанки на населбата која вели дека додека фабриката работи и нема ветер тие се борат за чист воздух за дишење. Бараат помош од инспекторите за заштита на животна средина, од општината и од Градоначалникот да се намалат белите облаци од прашина што секојдневно ги дишат и да им обезбедат услови за живот во населбата.
– Прашината се чувствува особено наутро кога нема ветер. Тогаш не се диши. Кога дува ветер и не чувствуваме многу. Јас сум стара но имам внучиња како и останатите мали дечиња на оваа улица кои како и ние ја дишат прашина, а тоа не е здраво. Прашината се лепи и на перените алишта. Деновиве исправ јамболии и наредниот ден тие беа сосема побелени. А така е и со останатата облека што ја носиме, рече Милева.
Рудникот и фабриката порано беа дел од велешката фабрика за тули „Киро Ќучук“. Од неодамна имаат и нов газда. Секогаш постоело но особено во последните четири години загадувањето било неподносливо тврдат граѓаните. За семејството на Јован Здравевски кое живее под самата фабрика во населбата Превалец минирањата биле и животно загрозувачки. Здравевски трпат директни материјални штети на куќата бидејќи како што тврдат при минирањето на ридот, од кој се вади камен, парчиња паѓаат врз кровот на нивниот дом.
– Од минирањето има големи потреси и паѓање на камења, голема бучава и многу прашина. Кога минираат ние дома се чувствуваме како да има земјотрес од пет степени. Не само мојата туку и околните куќи се растресени од тавани па до ѕидови. Ние како семејство сме преживеале безброј трауми и страв од паѓањето на камењата. До денеска ништо не е превземено од никого иако јас и на суд сум одел. Судот пресуди дека јас сам сум си ги фрлал камењата бидејќи паднатите на покривот не биле сродни со тие што фабриката ги имала, рече Здравевески.
Здравевски и Милеви не се единствените што се жалат на потресите и загадениот воздух во населбите. Според Никола Стојковски истата приказна ќе ја раскажат и останатите жители во педесетте домаќинства што живеат во непосредна близина на фабриката бидејќи и во Тунел и во Превалец сите ги чувствуваат истите проблеми со тоа што кај оние што живеат во близина на фабриката се поизразени.
– Енормно е загадувањето на воздухот во поглед на прашина. Кога минираат се крева голем бел облак кој потоа ветерот го носи директно кон куќите. Освен на алиштата прашината паѓа и на возилата. Исчистено возило по еден ден е сосема побелено. Од фабриката тврдат дека се контролира минирањето но ние дома ги чувствуваме потресите. Сите имаме мали деца и сите го дишиме загадениот воздух, рече Стојковски.
Овие граѓани велат дека ниту контролите на Државниот инспекторат за заштита на животна средина не им ги подобриле условите за живот и тврдат дека во една од нив инспекторот бил нападнат од вработените. Инспекторот го потврди кажувањето на граѓаните но за официјален став не упати во Државниот инспекторат.
Од велешкото ЕД „Вила Зора“ вчера соопштија дека веќе подолго време кај нив стигнуваат поплаки и преставки на граѓани од Велес, жители на населбите Тунелот и Превалец, за огромни количини бела прашина што секојдневно се испушта во овој дел на градот.
– И покрај нашите реакции, досега нема подобрување на состојбата, а многу често емисијата на штетни честички во воздухот е неколку десетици пати над МДК, што е недозволиво. Имаме информација дека регионалниот инспектор, кој е надлежен за овој дел на градот, неколку пати вршел надзор, но немаме повратна информација дека состојбата е подобрена,односно дека загадувањето е намалено. ЕД „Вила Зора“, сега и јавно бара информација од Државниот инспекторат за животна средина дали стопанските субјекти кои работат во овој дел на градот се одговорни за загадувањето на амбиенталниот воздух, поточно, кој е изворот на чадот и белата прашина што постојано ги има во населбите Тунелот и Превалец?, праша портпаролот Ангел Ќиров.
За екологистите исто така е значајно да добијат одговор и на прашањето дали стопанските субјекти во двете населби во Велес ги имаат сите потребни дозволи, особено еколошките, согласно позитивните законски прописи во Република Македонија. Тие побараа за извршената инспекција и добиените резултати, како и преземените мерки, врз основа на Архуската конвенција, ратификувана од Собранието на Република Македонија, писмено да бидат известени, а со тоа и граѓаните на Велес./У.Ј