„Цитроен“ со битолски регистерски ознаки се излизга и преврте кај Велeс, под Штипско петле
Велес, 28 април 2018 година
Во сообраќајната несреќа што денеска околу пладне се случи по исклучувањето од автопатот, во правец кон Велес, поточно под Штипско петле, со повреди се здобија две лица. Станува збор за брачниот пар К.Н и Т.Н, на шеесеттина годишна возраст, од Скопје. Тие се возеле во патничкото возило марка „цитроен„ што од засега неутврдени причини се превртело во движење на удолницата на влезот во Велес.
Итната медицинска помош прва интервенирала на лице место на сообраќајката. Потоа ги пренела повредените брачни другари, К.Н и Т.Н, на хирушкото одделение во велешката болница. Тие се жалеле на повреди на главата, телото и имале отежнато дишење.
– Дежурните лекари, хирургот д-р Граматов,ортопедот д-р Леов и анестезиологот д-р Бошковски го извршиле приемот на двајцата пациенти, ги реанимирале и ја следеле состојбата додека траеле ренген снимањата се до добивањето на резултатите. Снимките покажале дека повредените лица немаат скршеници туку дека станува збор за контузии на главата и на градниот кош. Двајцата пациенти се жалеле на отежнато дишење. Бидејќи во болницата не работи апаратот Компјутерски Томограф а постоела потреба од точна дијагностика, поточно потребата од понатамошни медицински испитувања, дежурните лекари на хирушкото одделение одлучиле повредените лица во сообраќајната несреќа да ги транспортираат во Клиничкиот центар во Скопје, рече портпаролката на велешката болница Марина Андова.
Б.Н и Т.Н потоа со болничко возило на болницата во Велес биле пренесени во Скопје.
На местото на сообраќајната несреќа увид направи екипа на СВР Велес. Таа ќе ги утврдува причините за несреќата. /У.Ј