Малолетници од Велес го извршиле разбојништвото над јапонските државјани кај Катланово
Откриени се напаѓачите на двајца јапонски државјани кои завчера биле нападнати на локалниот пат од село Катланово кон село Брезница. Како што соопшти СВР Скопје, станува збор за тројца малолетници од Велес на возраст од 15 до 17 години. Двајца од нив се приведени.
Според полицијата малолетните велешани истиот ден во Гостивар одзеле патничко возило „Форд мондео“ со гостиварски регистарски таблички инеколку часови подоцна го употребиле во извршувањето на разбојништвото.
СВР Скопје, по целосно документирање на случајот против лицата ќе поднесе соодветни кривични пријави.
Напаѓачите откако ги пресретнале јапонските државјани кои со велосипеди се движеле на локалниот пат од село Катланово кон село Брезница, физички ги нападнале, им одзеле 3.000 евра, патни исправи, кредитни картички и еден мобилен телефон „Ајфон“, притоа нанесувајќи им на оштетените тешки телесни повреди, соопшти претходно МВР.