Се полни касата на Општина Велес и се враќаат старите долгови
Годинава, во првиот квартал, касата на Општина Велес е потешка за 28,68 милиони денари во споредба со истиот период лани. Во 2017 приходите на општината изнесувале нешто над 150 милиони додека во истиот квартал годинава буџетот се наполнил со 179 милиони денари. Така и расходите на општината бележат зголемување од 13,1 милион денари. Ако лани во истиот период од годината биле потрошени над 139,5 милиони денари, годинава биле реализирани 152,6 милиони денари. Трошењето на народните пари е исклучиво наменето за враќање на старите долгови, соопшти градоначалникот Аце Коцевски.
Општина Велес годинава заклучно со 4 мај вратила долгови во висина од 55 милиони 356 илјади и 981 денари. Најголем дел од нив или 6.952.235 денари завршиле на сметката на ЈКП „Дервен“. И понатаму општината е должник на градското комунално претпријатие. Таа му должи уште 83 милиони 47 илјади и 765 денари бидејќи од 2013 година до 2017 година не му платила ниту една фактура. Станува збор за стар или наследен долг на актуелниот градоначалникот Коцевски од екс градоначалникот Славчо Чадиев.
– Само општина без долгови може да аплицира за сериозни проекти пред домашните и меѓународните организации и пред кредиторите. Задоволен сум од она што го постигнавме. Обврските кон приватниот сектор во најголем дел се вратени. Многу сум задоволен од финансиските резултати постигнати во првиот квартал од оваа година и можам да кажам пријатно изненаден, рече Коцевски.
Тој укажа и на проблемот со недоволната екипираност на општината каде од вкупно 13 раководни позиции во одделенијата пополнети се само 3, а празни се и двете позиции за раководители на сектори. По одобрувањето на систематизацијата, се очекува општината да се екипира во најкраток можен рок. Како што нагласи Коцевски позитивните финансиски резултати се основа за развојните проекти.
– Секогаш може подобро и повеќе. Најважно од се е што Велес се движи во вистинска правилна насока и резултатите за многу брзо време ќе дојдат, додаде градоначалникот.
Тој исто така ги демантираше гласините дека се повлекува од функцијата градоначалник. Потврди дека се соочил со здравствени проблеми и рече дека ги надминал.
– Точна е информацијата дека во изминатиот период се соочив со личен предизвик, со здравствени проблеми како што им се случува на многу луѓе на моја возраст, особено оние со стресна професија. И овој предизвик го надминав и повеќе од кога и да е сум посветен на визијата Велес да го направиме убаво и пријатно место за живеење. Затоа претпочитам и замолувам, наместо со шпекулации да се занимаваме заедно со вистинските проблеми на граѓаните, со вистинските предизвици. Немам намера да поднесам оставка и ќе продолжам уште попосветено да работам на сите проекти и активности што заедно со вас граѓаните ги утврдивме како приоритети за Велес и за кои впрочем на локалните избори ја добив довербата од гласачите, рече Коцевски.
На денешната прес конференција градоначалникот информираше за поголем број на тековни проекти и активности во општината. /У.Ј