Промовиран проектот “Иновативен центар: Компаративна предност за поголема конкурентност” во Велес
Преку отворање на иновациски центар ќе се поттикнуваат малите и средни претпријатија во вардарскиот, североисточниот и скопскиот регион да ја зголемат својата конкурентност. Проектот на Фондациите за мали и средни претпријатија од Куманово и од Велес има за цел да ги поттикнува малите актери во општеството да креираат нови работни места и со остварените резултати да учествуваат во поголемиот економски развој на државата. Во проектот “Иновативен центар: Компаративна предност за поголема конкурентност” се очекува да се вклучат и универзитетите, научно истражувачки центри , МАНУ, општини и граѓански организации чии соработки се особено значајни за да профункционира виртуелна платформа .
– Затоа и проектот го носи името Иновациски центар каде он лајн ќе можат да бидат вмрежувани постојано да имаат достапни менторски материјали и он лајн да учат како и да ги разменуваат добрите практики и вештини со цел да дадеме нова димензија на иновацијата. Владата на Република Македонија многу се заложува за овој дел па затоа одлучивме да спроведеме еден ваков проект што овозможува сите ние, граѓанските организации, малите и средни претпријатија, општинските и државни институции, универзитетите да дадеме што поголем допринос во зголемувањето на иновативноста и конкурентноста во овие три региони во државата. Исто така имаме за цел да ја поттикнеме и свеста на малите и средни претпријатија за што поголемо користење на иновацијата во работењето, рече Димитар Ташевски директор на Фондација за мали и средни претпријатија од Куманово.
Двете Фондации, велешката и кумановската, преку проектот очекуваат да поттикнат иновативност во околу 100 мали и средни претпријатија преку регистрација на заедничка платформа, вмрежување, обуки, користење на експертски искуства за подготовка на проекти и отворање на околу 1.500 нови работни места во трите региони во државата.
Според Анита Самарџиева од Фондацијата во Велес, во последните години од страна на државата се дава голема важност на иновациите и иновативност така што во средните училишта започнува подигањето на свеста за потоа да продолжи и на високообразовните институции . Владата исто така донесе бројни стратегии и студии што се особено значајни и поттикнувачки за сите. Граѓанските организации ги прават достапни овие документи до што поголем број на студенти со цел иновативноста да ја перцепираат како модел што ќе им овозможи работно место.
Проектот, финансиран од ЦФСД и ЕУ, започна лани и ќе трае до декември 2019 година. /У.Ј