Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Во Велес немаше жител , а посебно во „Дворови“, што не го познаваа железничарот Атанас Гребнаров. Тој кај велешани беше попознат по надимакот Атанко. Атанас сите го познавале како тих и добар, како леб, сограѓанин како што велат велешани. На секого му помагал онолку колку што можел, а ако не можел да му помогне никогаш не му одмогнувал. Таков го знаеле од дете, таков останал се до својата смрт.

Атанко потекнува од сиромашно семејство. Татко му Петре и мајка му Марија биле бавчаванџии. Најнапред работеле бавчи на богати Турци за подоцна да соберат пари и да си купат сопствена бавча во која одгледувале повеќе видови градинарски култури кои ги продавале на градскиот пазар и така го хранеле семејството.

Домот на Гребнарови во месноста „Дворови“

„ Дедо ми Петре и баба ми Марија не биле учени луѓе. Лебот го ваделе од бавчата. Најнапред куќа имале некаде на Којник за подоцна, меѓу првите христијани, да купат куќа во „Дворови“, веднаш до пругата Велес -Гевгелија, од некој богат Турчин кој меѓу првите си заминал за Турција. За време на Првата светска војна Петре се жени за убавата Марија која била од имотното и револуционерното семејство Калаузарови. Браќата на баба ми и нивната снаа Руса биле учесници и во Илинденското востание. Иако сиромашни го делеле залчето леб од устата само нивниот син Атанко да учи. Така и било. Татко ми завршил седми клас, а потоа се запишал во железничкото училиште во Скопје. Штом го завршил веднаш добил работа во Железница. Се вработил во 1945 година и работел се до пензионирањето во 1980 година“, рече ќерка на Алтанко, Марионка Мишкова.

Атанас со пријателите во велешкото друштво „Горски“

Уште како ученик бил задоен со напредни идеи па заедно со другарите станал член на друштвото „Горски“. Тоа имало и фудбалски клуб што постојано го контролирале тогашните власти во Стара Југославија поточно во СХС. Но, Атанко со другарите Благачката, Перо со прекар Срцето, Благој викан Црното, Илија Митушев и останатите освен што играле фудбал и учествувале во работата на музички секции биле активни и во Скоевската организација. Разнесувале пропаганден материјал од еден до друг дел на Велес. Атанко многу убаво свирел на прим. Тој и другарите често свиреле на серенади.

Така било се до 1940 година кога Србите си заминале и кога на нивно место најнапред дошле Германците, а потоа и Бугарите. Бугарските власти го затвориле „Горски“, но Атанко и другарите преку Скоевската организација продолжиле со сите активности на Партијата.

Тој две години подоцна заминал како бугарски војник во Пловдив. И таму бил со немирен дух. Отворено велел дека Македонците не се Бугари а затоа што неколку пати поради поставување на фотографијата на Јосип Броз Тито на јавно место бил казнуван и убаво тепан. Неможејќи да ја издржи тортурата кон крајот на 1943 година тој со неколкумина Македонци избегале од служењето воен рок во бугарската војска и успеале да се вратат во Велес. Но не останале во градот туку веднаш и се приклучиле на Осмата велешка бригада. Атанко се до ослободувањето на Македонија. бил курир.

Домот на Атанас Гребнаров, во месноста Дворови, покрај гевгелиска пруга

„Татко ми често ни раскажуваше кога од Главниот штаб добил задача да пренесе некој партизан со голем чин од Скопје до велешкото село Извор . Ја извршил задачата бидејки со магаре и по стариот пат, по споредни патеки го пренел и го предал партизанот на единица која била во близина на селото Извор. Подоцна му казале дека таа личност бил Светозар Вукмановиќ Темпо“, рече Марионка.

По завршувањето на војната, поточно во 1947 година, Атанас Гребнаров се оженил за Драгица, ќерката на познатите којнички фурнаџии Каровци. Тие две години подоцна станале родители на ќерката Марија- Марионка, крстена по нејзината баба Марија. Втората ќерка Петрана, крстена по името на дедото Петре, ја добиле во 1952 година.

Марионка дипломирала на Правен факултет во 1973 година и се омажила за Атанас Мишков со кого имаат син Стефан и ќерка Драгица, крстена по нејзината баба. Истата година се омажила и Петрана која има две ќерки Милка и Анастасија.

Атанас Гребнаров Атанко со машиновозачите на парни локомотиви од железничката станица во Велес

Целиот свој живот нивниот татко Атанко активно беше вклучен во јавниот живот во градот. Од тогашната месна заедница до органите на Собранието на општина Велес. Тој беше поттикнувач на многу граѓански иницијативи со кои се градеа и уредуваа улици, паркови се организираа манифестации во стариот дел на градот поточно во месноста „Дворови“. Добрината и чесноста беа негови карактерни особини што особено ги почитуваа неговите сограѓани.

Атанас Гребнаров-Атанко од овој свет замина во 1990 година.

Стоилко Андреевски

Поврзани вести

 

Најново