Попушти новиот кров, под вода спортска сала „Гемиџии“ во Велес
Од краевите на новата лимена конструкција на североисточната страна на спортскиот објект тече вода по ѕидовите и се слева по стаклате, се прелева низ редовите со седишта и завршува на теренот за игра. Во овој дел од објектот, каде се наоѓаат службените простории на локалната телевизија „Канал 21“, состојбата е најризична. Вработените во салата постојано ја собираат количината на вода но се собира нова.
Директорот на Јавното претпријатие „Парк спорт“, Златко Гуцев ,на првиот ден од неговото назначување, вели дека водата пробила внатре во објектот попладнево кога градот го зафатија обилни врнежи пропратени со ветер.
– Вработените постојано ја собираат водата. Врнежите се постојани и така се појавува нова количина на вода. Се обидуваме да ја собереме навреме за да не дојде до теренот за игра и да не се уништи подлогата. Сега ќе направиме нова обиколка на целиот објект и внатре и надвор бидејќи од попладнево почнаа да се полнат со вода и шахтите од северната страна, од кај централниот градски парк. Покачено е нивото на река Вардар и стравуваме водата да не избие преку шахтите пред спортската сала од северна страна. Ги контролираме постојано помошното фудбалско и тениското игралиште. Тие се наоѓаат до брегот на реката, рече Гуцев.
Покривот на спортската сала беше променет на почетокот на 2016 година.
Директорот Гуцев, веќе побарал од СВР Велес и поголема безбедност за подвозникот на улицата „Алексо Демниевски Бауман“, пред салата „Парк спорт„. Поточно полицијата да постави екипа, да ги огради со црвена лента скалите на подвозникот под железничките пруги Скопје – Гевгелија и Скопје – Штип за да забрани граѓаните да го користат за минување при доаѓањето до спортската сала.
Во подвозникот се собрала поголема количина на вода. Ако дожд врне во текот на ноќта тогаш постои опасност тој да се наполни. /У.Ј