Анѓушев: Само 4% од карго транспортот низ Македонија е со возови
Во ниту една земја во светот 96% од транспортот на стока не се превезува со камиони. Македонија е „раритетна држава“ и покрај тоа што трпи штети токму од ваквата состојба. Транспортирањето на стоката со камиони и шлепери неколку пати ја покачува цената на производите од една и од друга страна се уништуваат патиштата, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев одговарајќи денеска на новинарско прашање на Дума.мк паралелно со подигнувањето на квалитетот на услугите во патничкиот сообраќај дали Владата размислува и за набавка на локомотиви и транспортни вагони.
– Владата заедно со министерот за транспорт и врски работи на специјална програма во делот на Македонски железници – Транспорт во соработка со ЕБРД и италијанскиот консултант, избран од ЕБРД, што како Стратегија до месец септември, годинава ќе биде готова. Тогаш ќе ја обзнаниме и мислам дека ќе биде во интерес на граѓаните затоа што се однесува токму на прашањето како да се подобри транспортот во Република Македонија. Таа треба да ја подобри сликата на транспортот на стока, рече вицепремиерот Анѓушев.
Во делот пак на патничкиот железнички сообраќај Анѓушев најави дека освен набавените патнички возови ЈП „Македонски железници“ сега ја чека испорака на локомотиви./У.Ј