Од вгодина ќе им се „провидели“ и на граѓаните кои живеат во свиларската зграда
Од вгодина ќе им се „провидели“ и на граѓаните кои живеат во свиларската зграда на централната улица „8 Септември“ во Велес. Гранките на дрворедот, исто како и во изминатите така и годинава, ќе продолжат да им го попречуваат светлото во становите во кои живеат. Според одговорот на ЈКП „Дервен“ нивните барања за кастрење на разлистаните дрвја не може да се случи годинава бидејќи дрворедите можеле да се кастрат само на три години. Истото се однесува и за станарите во зградите од спротивната страна на Основниот суд во Велес, напишаа градските комуналци.
„Видот и возраста на дрвјата на посочените локации на улицата „8 Септември“, како и концептот на хортикултурно уредување „дрворед во централно градско подрачје“, не дозволува кастрење на дрвја почесто од три години. Кога овие дрвја би се кастреле секоја година, би се изгубила нивната примарна функција, а тоа е прочистување на воздухот на место каде сообраќајот е најфреквентен, сенка на тротоарите во летниот период и естетика на централното градско подрачје, односно тоа би било исто како овие дрвја да ги нема. Последен пат овие дрвја се кастрени во 2016 година, така што следното кастрење ќе биде следната година“, пишува во одговорот што денеска го добивме од ЈКП „Дервен“.
Граѓаните кои живеат на првите катови во посочените згради вчера се пожалија дека со години немаат можност да живеат на дневна светлина. Им ја попречуваат гранките на дрворедите и особено лисјата кои се удираат во фасадите, на прозорците и се надвиснати во балконите. Овие станари бараа ЈКП „Дервен“ да им помогне со тоа што ќе ги крои дрворедите почесто со пократки гранки од страната на зградите. Тие сметаат дека така ќе можат да имаат дневна светлина во домовите во кои со години наназад и дење морале да вклучуваат сијалици./У.Ј