Македонски железници – транспорт со два проекти ја јакнат културата на патување со воз на децата
За 70 отсто е зголемен приходот на ЈП „Македонски железници“ транспорт од превезување на патници во првите три месеци од годинава споредено со истиот период лани. Тогаш од јануари до март ова јавно претпријатие остварило приход од 7 милиони денари. Годинава само во април од продажбата на билети за патување со воз во касата на железници – патнички транспорт се собрале 5 милиони денари и со месечните владини субвенци за бесплатните пензионерски и ученички патувања со воз низ Македонија уште 3,5 или вкупен приход од 8,5 милиони денари.
– Пред тоа губевме многу пари затоа што бесплатно возевме патници а не добивавме субвенции. Сега Владата ни излезе во пресрет и месечно ни субвенционира по 3,5 милиони денари што реално и порано и сега е приход затоа што ние ги возиме патниците. Издаваме билет со состојба од нула во пари но во позадина програмата ги пресметува трошоците за релацијата на која се возат патниците. Месечниот извештај го предаваме во министерството за транспорт и врски од каде потоа ни ги враќаат парите за билетите издадени по овој основ, рече директорот Саша Јовановски.
Редовната наплата на средствата ги поттикнала во Македонски железници -транспорт преку проект „Иднината ни е во воз“ да започнат проект за подигање на културата на патување со воз на ученици. До јуни се организираат бесплатни патувања до Велес само за ученици од прво до петто одделение од Скопје. Додека патуваат децата имаат едукација од вработени во јавното претпријатие.
– Тоа се случува секој понеделник, вторник и среда со поаѓање на возот во 9 часот од Скопје и пристигнување во 9 и 52 минути во Велес каде учениците имаат два часа за прошетка и престој во Младински парк за во 12.10 часот да се вратат назад кон Скопје. Вториот воз од Скопје поаѓа во 13.20 часот и штом стигне во Велес веднаш се враќа назад кон Скопје. Значи учениците со вториот воз имаат само патување додека со првиот и можност за разгледување и краток двочасовен престој во Велес. Интересот е голем а ние засега на располагање имаме само два воза па не можеме да ги задоволиме барањата на поголемиот дел на училишта во Скопје, рече Јовановски.
Новина од јавното претпријатие за децата е и проектот „Игротека во воз“ наменета за славење на родендени.
– Родителот за 2 илјади денари закупува дел од возот каде се слави роденденот. За децата се плаќаат и патнички билети. Додека патуваат тие се и на роденден. Ние сме задолжени за услугата значи музиката и за анимацијата на децата. Веќе имаме еден успешено организиран роденден кој верувам дека ќе остане во сеќавање на децата кои ни беа гости на роденденот, рече Јовановски.
Директорот на МЖ – транспорт најави дека во текот на летниот распуст ќе направат нов распоред за да ги вклучат сите расположливи патнички возови со цел да одговорат на интересот за ученички екскурзии што го покажале основните училишта во Скопје. Штом стигнат нови патнички возови тогаш понудата ќе ја прошират и за училиштата во Велес, Куманово и Тетово. /У.Ј