Еколошка трибина во Велес: Загадувањето од каменоломот во Превалец мора да запре!
Максимално се ставени во функција старите постојки на каменоломот во населбата Превалец во сопственост на скопската фирма „Техно павер“. Производствено преоптоварени постојките го загадуваат воздухот со големи количини на бела прашина. Неа ветрот ја носи и во населбата Тунел. Овие две велешки населби се најзагадени во моментов од прашината што граѓаните и особено децата ја дишат, им влегува во домовите, се таложи на покривите, ја ништи флората и фауната во реката Тополка и ја деградира животната средина. И додека граѓаните се гушат во густи облаци од прашина газдите и дел од вработените во „Техно павер“ не го признаваат загадувањето и го попречуваат секој обид на инспекциските контроли да ја утврдат фактичката состојба во каменоломот.
Државниот инспектор по екологија Јонче Димков, на еколошка трибина, призна дека имал притисоци и бил спречуван да направи увиди од сопствениците и вработените во „Техно павер“.
– Имав големи притисоци и закани. Лично бев загрозен и попречуван при извршување на службените должности. Бев приморан да пријавувам во МВР. Затоа оваа фирма или инсталација ја превзедоа двајца мои колеги од Тетово. На увидите и јас присуствував но со асистенција од полиција поради моето лошо искуство со вработен и со газдата на каменоломот кои се обидоа физички да ме нападнат. Јас тоа го избегнав бидејќи таму не бевме за физичка пресметка туку за да и овозможиме на лабораторијата да земе примероци, рече Димков.
Тој додаде дека Државниот еколошки инспекторат постапува по два предмети поврзани со „Техно павор“.За првиот деновиве се очекува да биде изречена мерката глоба за непостапување по решение и втор, во кој се утврдува дали каменоломот започнал постапка за издавање на А интегрирана дозвола за работа.
И на еколошката трибина, преку адвокатот, „Техно павер“ тврдеше дека не ги загадува велешани.
– Чадот кој се гледа од оџакот е водена пара која има хидратизирано во затворен систем. Процесот на хидратизација преставува вода која испарува и подоцна станува водена пареа, рече Виктор Јовановски.
Вака пренесениот став на менаџментот на каменоломот ги разгневи присутните граѓани од Превалец и Тунел. Тие се заканија дека нема да дозволат повторно да ги труе нов загадувач во Велес.
– Тоа што го кажувате не е точно. Ајде јас и вие ќе застанеме под таа водена прашина и ќе видиме дали ќе испаднеме од неа како водени или како налепени со прашина, рече Ване Михајловски.
– Работат ноќе, сабота и недела, палат печки и дробат камења и тогаш загадувањето е неиздржливо. Јас еден ден одам на работа во 5.35 часот и тогаш гледам се. Сега производството им е намалено. До пред два три месеци беше предимензионирано и екстремно високо не загадуваа. Барам да престанат да не трујат, децата, нас возрасните па и старите луѓе. Јас сум дете на вработен во Топилница кое се приклучи на граѓанските протести против загадувањето со тешки метали. И сега ќе го сторам истото, рече Верица Тодорова.
– Ние со Топилница се изборивеме, тоа беше децениска борба ама сега ги имаме алатките и за два месеци ќе завршиме со вас, ако сакате да зборуваме со вашиот арогантен јазик, рече Димче Велев.
На трибината вината што го попречувал инспекторот да врши увид ја призна и поранешниот обезбедувач на „Техно павер“. Тој сега, кога не работи во фабриката, откри дека каменоломот не работел со полн капацитет поради голем дефект и побара менаџерите да одговорат дали е штетна прашината од мелењето на каменот во производството.
– И да кажат колку печки работат, дали ставаат само ќумур или и кокс? Дали работи само една печка што ја гаснеа додека инспекторите вршеа увид?
Општинската инспекторка за заштита на животна средина Билјана Шуркова Манаскова на трибината соопшти дека Општина Велес веќе поднела жалба до Државната комисија за управна постапка и постапка по работен однос од втор степен бидејќи не може да се пренесува дозволата за работа од една на друга фирма.
– Жалбата е по повод преносот на А дозволата за усогласување со оперативен план од операторот „УС констракшан каменолом Превалец“ на операторот “Техно павер“ – Скопје. Ние бевме изненадени кога го добивме решението за пренос на дозволата, рече Шуркова Манаскова.
На трибината, организирана од ЕД „Вила Зора“ по повод 5 јуни -светскиот ден на екологијата, д-р Ненад Коциќ им се заблагодари за присуството на преставниците на „Техно павер“ со пораката:
– Вакво загадување во Велес повеќе не смее да има. Пренесете им на менаџерите дека Велес е многу сензибилен на загадување на воздухот и под итно мора да прекине.
Во заклучоците од трибината беше констатирано дека „Техно павер“ мора загадувањето на амбиенталниот воздух во Велес да го сведе во границите на максимално дозволени концентрации, се додека не се постават соодветни филтри Министерството за животна средина и просторно планирање да го запре производството во каменоломот, да се вршат редовни инспекциски контроли на сите загадувачи во градот и граѓаните редовно да ја следат и да информираат за работата на каменоломот и варницата во случај на не превземање на законски мерки од страна на надлежните институции во државата./У.Ј