Отворен Центар за дијабет во велешка болница
Вработените од техничкото одделение сами го испразнија, исчистија, варосаа и поставија нови плочки во стариот болнички магацин на Инфективното одделение во велешката болница, менаџментот обезбеди ИПА грант за медицинската опрема во висина од 47 илјади евра а од соработката на граѓанското здружение „Лилипоп шекерче“ со Новонордиск произлезе донацијата на канцеларискиот и медицински мебел за Центарот за дијабет во Велес. Тој е отворен за потребите од здравствени услуги на над 6 илјади дијабетичари во градот и за рана дијагностика на болеста кај останатите граѓани.
– Овој Центар ќе биде нивно место, за едукација не само за терапија, што ќе стои на располагање на сите граѓани. Велешка болница и Клиничка болница Битола добија грант на ЕУ во висина од 155 илјади евра, а 47 илјади евра се наменети за купување на медицински апарати со кои ќе се врши дијагностика на болните од дијабет. Тој проект е многу значаен бидејќи опфаќа 200 болни од дијабет но апаратите остануваат на трајно користење во болницата. Тој што има нерегулиран дијабет болни му се сите органи поради промените на крвните садови затоа е многу значајно овој центар да ги прифати, третира и насочи на понатамошно лекување болните од дијабет, рече др Димитар Стровјановски, директор на ЈЗО Општа Болница Велес.
– Ова е одличен показател за насоката во која министерството сака да ја води политиката со граѓанските организации и медицинската индустрија. Со граѓанските организации кои најдобро ги знаат потребите на крајните корисници и со медицинската индустрија за која постои перцепција дека само продава лекови а тоа не е така бидејќи се лидери во иновативноста, во нови лекови а тоа е нешто што носи квалитет на живот кај пациентите. Ова важи за дијабет и за сите пациенти од сите групи на заболување. Ќе продолжиме и понатаму да ги држиме отворени вратите на министерството за сите граѓански организации како и за сите загрижени и заинтересирани да го подигнат квалитетот на здравствената заштита. За секој нов концепт за соработка што ќе донесе нов начин на лекување, нова терапија, едукација на здравствените работници со цел тоа да го почувствуваат пациентите, рече Министерот за здравство др Венко Филипче.
Тој додаде дека министерството ја започна постапката на менување на легислативата, на законските рамки и сега следува промената на постапките за набавка на инсулини во кои цената нема да биде единствен критериум. Најави воведување на Стратегијата за дијабет со цел да се воведат нови глукометри, посебно за децата, и на нови терапии.
– Ви честитам, ова е исклучително голем успех. Искрено се надевам дека пациентите за многу кратко време, веќе во наредните денови веднаш ќе ги почувствуваат бенифитите од новиот пристап и политика на отворени врати. Од името на Министерството за здравство секогаш ќе ја имате поддршката за вакви нови центри. Ќе се обидеме да ги зголемиме и финансиите, рече министерот Филипче.
Тој најави дека Министерството за здравство планира да аплицира на неколку европски проекти за подобрување на инфраструктурата во болниците и здравствените установи во државата и упати покана за учество во нив на велешката болница./У.Ј